Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски од Градскиот парк испрати порака дека врсничкото насилство булингот може да има сериозни последици доколку не се превенира и спречи.
Во Градскиот парк компанијата Макпетрол одржа музички хепенинг во рамки на кампањата Крени глас – Стоп за булинг каде учество зема и Општина Центар. Герасимовски оттаму порача дека локалните самоуправи под чија надлежност се училиштата имаат одговорност да ги заштитат учениците од булинг.
„Врсничкото насилство е сериозен проблем кој најчесто започнува во основното образование и затоа ние како локални самоуправи имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за зголемување на безбедноста на децата. Секое игнорирање на меѓуврсничкото насилство може да остави трајни последици по личноста и семејството и согласно ова ние спроведовме бројни обуки за негово препознавање, превенирање и спречување”, вели Герасимовски.
Општина Центар по приклучувањето на кампањата на Макпетрол веднаш спроведе низа работилници и обуки за наставниците и стручните соработници од училиштата за рано препознавање, превенција и спречување на булингот во основните училишта во општината. Обуките беа спроведени од еминентни универзитетски професори стручни во областа. Општина Центар по дојава на граѓани за врсничко насилство меѓу врсниците низ Дебар маало во соработка со МВР обезбеди зачестени полициски патроли и неколкупати заедно со родители и полициски службеници направи обиколка во Градскиот парк каде се собираат младите.
Градоначалникот Герасимовски потенцира дека во растењето и однесувањето на децата сите имаат одговорност.
„Воспитувањето доаѓа од дома, врсничкото насилство не смее да се игнорира. Затоа упатувам порака за отворена комуникација на родителите и стручните служби со децата бидејќи тоа е најдобриот начин да ги заштитиме. Да ги охрабриме децата да зборуваат, да зборуваме и ние, да реагираме и да ги заштитиме”, порачува тој.