Герасимовски: Реконструкција на уште еден станбен објект во Центар

Сподели

 

Општина Центар започна со реконструкција на фасадата на станбениот објект бр. 81 на бул. „Илинден“, со површина од 2.200 квадратни метри. На овој потег, во тек е реконструкција на стара и оштетена фасада на колективна станбена зграда што покрај енергетската ефикасност, ќе добие и нов лик што ќе го збогати целокупниот амбиент.

 „Ќе се задржи нејзиниот автентичен изглед, а боите, како што е веќе практика, ќе бидат избрани во договор со станарите. Новите фасади овозможуваат многу подобри услови за живеење за станарите, заштитени од влијанието на промените во годишните времиња и за 30 % пониски сметки за електрична енергија“, веи градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Реконструкцијата подразбира поставување термичка изолација врз целата фасада, како и изведување на други градежно-занаетчиски работи што се неопходни за нејзина реализација (лимарски работи, демонтажа на уреди за ладење и греење, натстрешници, решетки и сл.). Рокот за извршување на работите е до крајот на јуни оваа година.

За реализацијата на овој проект Општина Центар одвои 70 % од вкупната инвестиција, а 30 % се инвестиција на Заедницата на сопственици на станови на бул. „Илинден“ бр. 81.

Општина Центар наскоро ќе објави и нов Јавен повик за пријавување на заинтересирани заедници на сопственици на станови од подрaчјето на Општина Центар за субвенционирање на реконструкција на фасади. За оваа намена од Буџетот се издвоени околу 7.000.000 денари.