Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ја посетија градинката „Кочо Рацин“, објект „Панорама“ од каде ја стартуваат кампањата на МЗШВ „Здрав оброк за секое дете“. Општина Центар е првата општина која покрена иницијатива за здрави оброци во градинките и училиштата.
„Овошјето е неизбежна ужинка за сите деца во развој. Токму затоа ме радува што дечињата ќе јадат проверени и безбедни домашни овошја од прва класа произведени во нашите овоштарници и од нашите земјоделци. Мило ми е што кампањата „Здрав оброк за секое дете“ започнува од наша центарска градинка и што при делењето дечињата се запознаат со витамините на овошјата и бенефитот од нивното конзумирање. Важно е овошјето и зеленчукот да бидат вклучени во секојдневното детско мени уште од рана возраст. И ние токму тоа се обидуваме да направиме, да стекнеме здрави навики за здрава и квалитетна исхрана за дечињата“ , изјави Герасимовски.
Проектот „Здрав оброк за секое дете“ во Општина Центар се реализира втора година по ред преку програмата на МЗШВ и партнерство на МТСП за поддршка на откупот за овошје, зеленчук, млеко и млечни производи произведени од земјоделците. Преку овој проект секое запишано детенце во градинка еднаш неделно ќе добива по еден килограм македонско овошје, кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа. Целиот овој процес е под строг мониторинг на ДИЗ и АХВ кои ќе го контролираат квалитетот и безбедноста.
Покрај делењето на здрави оброци за дечињата во објектот „Панорама“ во градинката „Кочо Рацин“, беше организирана и креативна работилница во која градоначалникот Герасимовски и министрите Николовски и Тренчевска подготвуваа разни производи од овошје.