Герасимовски: Само 10 до 15 отсто се предмет на дооформување кај „Треска“

Сподели

 

Општина Центар нема да дозволи во поранешниот индустриски капацитет „Треска“ да се гради на државно земјиште, планирано за јавна намена, вели градоначалникот Горан Герасимовски, во интервју за Локално.

Герасимовски ја објаснува законската регулатива за дооформување на приватните плацеви, која во целост е испочитувана од него и општината со која раководи. Целиот простор опфаќа површина од 41.000 м2, од кои околу 47% се во сопственост на државата, вели градоначалникот.

„Меѓутоа, од наведените 47% државно земјиште, само околу 10% до 15% се предмет на дооформување, односно докупување од страна на сопствениците согласно актуелниот план. Таа постапка е законска обврска на општината поради тоа што се наоѓаат во рамки на градежни парцели оформени со ДУП-от. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како што се улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ и Општина Центар нема да дозволи дооформување на ова земјиште. Истите и понатаму остануваат во државна сопственост и остануваат за јавна намена, без апсолутно никаква можност за градба на овие површини“, вели Горан Герасимовски, градоначалник на Центар во интервју за Локално.

Изминатиов период „Шанса за Центар“ во јавноста пласираше информации дека државно земјиште „тајно“ се продава, за да се дооформат парцелите на сопствениците. Градоначалникот вели дека станува збор за пласирање апсолутна невистина, како и дека сите постапки се спроведуваат согласно постоечките закони.

„Начинот на кој се презентира целата состојба во јавност од страна на „Шанса за Центар“ е манипулативен и неточен. Најголем дел од парцелите се во над 90% приватна сопственост, а само 10% бараат дополнително дооформување што ќе се прави согласно закон. Тука нема никакво распродавање, туку легална законска постапка која Општината е должна да ја прави на секоја парцела каде се гради“, вели Герасимовски.

Герасимовски од сопствениците на приватните имоти, побарал во „Треска“ да има многу зеленило, повеќе од планираното согласно ДУП-от, но и објекти од јавен интерес, како градинка. Според стариот ДУП, таму е предвидено да има 5% зеленило, а новиот Закон за урбано зеленило, предвидува минимум 20% зелена површина. Градоначалникот вели дека на територија на некогашната фабрика „Треска“, дополнително бараат да има и голем парк.

„Јас уште во предизборниот период зборував дека ќе се залагам за хуман урбанизам и тоа навистина го спроведувам. Во Треска бараме изградба на објекти од јавен интерес како градинка, но и многу зеленило. Без разлика што актуелниот ДУП од 2012 година предвидува само 5% зеленило, Општината има побарување просторот да се уреди согласно Законот за урбано зеленило кој предвидува задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%. Покрај почитување на законскиот минимум со обезбедување зеленило како партерно уредување, во тој опфат има и државно земјиште од околу 9000 м2 кое би сакале да се реализира во голем парк. Тоа е многу повеќе зеленило кое не е планирано со ДУП-от, а го надминува и законскиот минимум, што пак го потврдува фактот дека не се окупира целиот простор само за нови градби“, додава градоначалникот на Општина Центар.