ГЕРБ, владејачката партија во Бугарија е победник на парламентарните избори што се одржаа во неделата, со 26,14 отсто, според преброени 98,93 отсто од гласовите, но новата владина коалиција можеби ќе ја формира и второпласираната „Има таков народ“ на шоуменот и музичар Слави Трифонов, која доби 17,73 отсто, пишува medipool.bg.
Резултатите од гласањето се сметаат за шамар за сите партии што учествуваат во сегашниот парламент, пишува овој медиум, а при овој сооднос на силите ГЕРБ тешко ќе може да состави влада. Бојко Борисов, премиерот на Бугарија и претседател на ГЕРБ во изборната ноќ повикал на формирање ширококоалициска експертска влада.
Но, со расположението на партиите што влегуваат во парламентот, тешко веројатно е дека намерата на Борисов ќе се оствари. Така, Бугарската социјалистичка партија, според претходно наведените резултати со 15,02 отсто поддршка од гласачите, (БСП) би поддржала коалициска влада формирана од „Има таков народ“, а во која би влегле и „Исправи се! Мутрите надвор!“ ((Мутра е израз за крупни, физички силни и ниско интелигентни криминалци, кои се насилни и кон обичните граѓани, а дел од нив се или поранешни спортисти или припадници на безбедносните служби во времето на социјализмот) и „Демократска Бугарија“. Инаку, проевропската „Демократска Бугарија“ има 9,52 отсто од гласовите, а „Исправи се! Мутрите надвор!“, има 4,76 отсто, пишува бугарскиот медиум.
Четвртопласирана е „Движење за права и слободи“, со 10,34 отсто. Оваа партија е коалициски партнер во сегашната влада.
Најинтересното е што најголемиот губитник е ВМРО-БНД, на Красимир Каракачанов, која добива 3,65 отсто од гласовите и засега не го минува цензусот од 4 отсто гласови за влез во парламентот.
Поддршката на БСП на коалицијата раководена од шоуменот Трифонов, кој патем ги има истите ставови за македонското прашање како Каракачанов, би зависела најпрво од тоа дали ќе се побара учество во коалицијата, а потоа и од оценка на партијата на поранешните комунисти за политичката платформа на идната коалиција. Но, можно е и да има нови парламентарни избори, порача социјалистот Христо Проданов на Нова ТВ.
„Сите партии велеа дека се „за“ справување со сегашниот модел и неговото туркање од власт. Но, ништо не прецизираме, оти и самите резултати не се конечни“, рече Проданов, кој појасни дека, ако се создаде таква ситуација, можни се и нови избори.
За разговори Скопје-Софија во мај или јуни, ќе има шанса само ако таму се формира политичка или експертска влада. Ако Бугарија оди на нови избори, се паѓа во вода, пишува Дојче веле.
Според медиумот, во македонската јавност растат стравувањата дека роковите за создавање владино мнозинство кај источната сосетка може да го потрошат времето за разговори Скопје-Софија и јунско-јулскиот рок да се стане недостижен, особено по крајно проблематичните бројки.
„Фрагментираните изборни резултати во Бугарија, оставаат голема неизвесност – кој, и дали воопшто ќе стигне до мнозинство од 121 пратеник”, вели специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, за Дојче Веле.
Во неделата, Борисов, премиерот и лидер на ГЕРБ кој освои најголем број на пратенички места, но сепак околу 20 помалку од претходните избори, се обрати на Фејсбук, повикувајќи на широка коалиција и експертска влада до декември.
„Јас ви предлагам мир. Ви предлагам да ги поставиме експертите, да ги поставиме луѓето и да направиме за Бугарија до декември максимални напори да излеземе од пандемијата и да тргнеме нагоре. Тогаш веќе сè ќе е јасно… Ајде да видиме дали можеме да се обединиме во името на државата. Досега велевте дека народот нè не сака, ве сака вас. Многу ми е драго што толку многу партии влегуваат во парламентот затоа што ме мрзи да бидам одговорен. Наместо да се расправаме кој е поголем, да размислиме дали овие последниве 8 месеци од годината не можат да се консолидираат. Ако немаме стабилна политичка ситуација, бидете сигурни дека ништо нема да се случи“, рече Борисов.