Германија и Холандија “ЗА” почеток на преговорите – Франција ќе се изјаснува за својот став

Сподели

 

Денеска во Луксембург почнува состанокот на Советот на министри на Европската унија, на кој се очекува земјава да го добие датумот за почеток на преговори за членство.

Според државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, германската позиција e кристално јасна, се дава поддршка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.

– Оваа наша позиција е врз основа на гласањето на германскиот Бундестаг. Европската унија презеде обврски за мир, стабилност, демократија и помирување на Западен Балкан, а тоа значи дека мора да си ги исполнува своите ветувања, истакна Рот пред денешниот состанок на Советот на министри на ЕУ во Луксембург на кој ќе се расправа за старт на пристапните преговори со Скопје и Тирана – изјави Рот.

И министерот за надворешни работи на Холандија Стеф Блок, денеска ја повтори позицијата на неговата земја, дека Северна Македонија е подготвена за преговори со ЕУ.

– Двете земји направија големи напори. Во однос на Северна Македонија мислиме дека треба да биде преземен уште еден важен чекор, а тоа е законот за јавно обвинителство. Ако тој услов биде исполнет мислиме дека пристапните преговори треба да почнат. Во однос на Албанија, пак, мислиме дека треба да заврши уште многу работа и оти се уште не е подготвена за почеток на преговори, рече Блок.

За сега се уште е неизвесен ставот на Франција по прашањето за отворање на преговори со Македонија и Албанија.