Стотици припадници на неонацистички групи во Германија во текот на минатата година станале недостапни за органите на правдата, јави германскиот јавен медиумски сервис Дојче Веле.
„Заминувањето во илегала“ на екстремните десничари го зголенува стравот дека земјата наскоро може да се соочи со бран напади предизвикан од неонацистички терористички групи.
Минатата година германските власти издале потерници по околу 600 неонацисти, од кои 454 се однесуваат на лица за кои полицијата смета дека и припаѓаат на категоријата „извршители на криминал мотивиран од политички права“. По вкупно 92 лица се трага поради политички мотивирани кривични дела.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, според истражувачот на екстремнодесничарскиот екстремизам Матијас Кент, „заминувањето во илегала“ на овие лица може да доведе до формирање на нови екстремистички терористички структури.
– Ако преовладува перцепцијата дека државата повеќе не е способна да ги заштити своите граници или луѓе од тероризмот, тогаш постои зголемено чувство за легитимност при формирање на свои организации или за поседување и користење на оружје до страна на дел од граѓаните, вели Кент за Дојче Веле.
По долги години намалување, бројот на граѓани кои се сметаат за екстремнодесничарски екстремисти во 2015 година повторно се зголеми за 5.000, објави лани германското Министерство за внатрешни работи.
Во 2014 година бројот на овие лица бил околу 21.000. Со почетокот на бегалската криза, по која во Германија само во периодот од октомври 2015 до јуни 2016 година имаше над 800 напади врз бегалци и сместувалишта за мигранти, овој број речиси извесно е зголемен.
Германската Влада денеска расправа за новиот план со кој треба да се одговори на заканите од терористички напади.