Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, на денешната заедничка прес конференција со францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер, упати осуда за руската агресија врз Украина повикувајќи руската армија веднаш да се повлече од територијата на Украина. Воедно тој изрази и благодарност за солидарноста што Македонија ја покажува со земјите од ЕУ.
Тој, во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, дека условите на Владимир Путин кон Украина се слични на оние што Бугарија ги поставува кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите, рече дека ЕУ целосно ја отфрлува оваа споредба помеѓу двете ситуации, за кои, како што рече, се две крајно различни ситуации.
– Самите дејствија на Русија се широко осудени во ГС на ОН и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Македонија. Во Украина како што веќе кажав, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник,, рече Гир.
Евроамбасадорот истакна дека во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има неколку области на спор, но, како што рече, Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Македонија и продолжи да дава поддршка и на нејзиниот интегритет и суверенитет.
– Беше прва што го поддржа нејзиното членство во НАТО. Во изминатите неколку дена гледаме дека Бугарија како одговор на Европскиот цивилен заштитен механизам исто така помагаше на евакуација на македонски граѓани од Украина, додаде Гир.
“Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со највисоко внимание и се подготвени кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес, за да може во најкраток и најбрз можен рок, овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех што сите го посакуваме”, посочи Бомгартнер.