Денеска во Македонија се одржуваат предвремените парламентарни избори, на кои, право на глас имаат 1.784.416 граѓани кои се запишани во Избирачкиот список.
Гласањето започна во 7 и ќе трае до 19 часот. Изборите се спроведуваат според пропорционален модел во шест изборни единици со 3.480 избирачки места во Македонија и во Седмата изборна единица која ја опфаќа дијаспората каде има 46 избирачки места.
Гласањето во дијаспората се одвиваше вчера, кога се изјаснуваа и болните и немоќните, затворениците и лицата во притвор и внатрешно раселените лица.
Вкупниот број на гласачи по изборни единици (ИЕ) е следниов: ИЕ 1: 295.948, ИЕ 2: 306.471, ИЕ3: 280.727, ИЕ 4: 282.537, ИЕ 5: 290.433, ИЕ 6: 307.817.
Избирачкото ливче ги содржи имињата на сите 11 коалиции и партии што имаат 58 листи со 1.092 кандидати. Во онаа изборна единица каде поголем број од жителите се припадници на некоја од заедниците избирачкото ливче е на македонски јазик и на нивниот мајчин јазик.
Карактеристично за овие избори е што првпат Избирачкиот список содржи фотографии на лицата запишани во него со цел да се спречат злоупотреби. Гласот на граѓанинот ќе биде важечки само со заокружување на една листа на кандидати или кандидат или доколку тој го заокружил името и презимето на носителот на листата или симболот на подносителот на листата.
Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка ученичка и студенска легитимација и друго.