Во постизборниот период, како продолжение на политичката криза во земјава, соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ, но и јавните настапи на високи функционери на таа партија, ги обележуваат зборови и јазични изрази кои досега не биле присутни во секојдневната употреба – „десоросоизација“, „дефакторизација“, „просоросова“, „фашисоросоидна“, „тиранска платформа“…
Ако се вратиме наназад, сè почна од прогласот што лидерот на партијата, Никола Груевски, го прочита пред Државната изборна комисија на 17 декември минатата година, неколку дена по изборите, а во кој отскокнуваше зборот „десоросоизација“. По него, следуваа уште неколку неологизми, кои многу често беа фокус на целото обраќање, односно ја носеа клучната поента на обраќањата на партиските функционери, т.е. на партиските соопштенија.
„СДСМ и ДУИ сакаат да направат „дефакторизација“ на македонскиот народ. Она што сега се случува, покажува дека СДСМ е цврсто влезена во намера да ја редефинира Македонија“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на 22 февруари годинава, по презентацијата на извештајот за напредокот на Македонија на листата за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ во Порта „Македонија“.
Меѓу другите вакви кованици, се забележува и „просоросова“, „фашисоросоидна“, а последниве денови повпечатлив е изразот „тиранска платформа“.
Иако тенденцијата на функционерите и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е „тиранската платформа“ да ја прикажат како закана за македонскиот јазик, колку тие со овие новосоздадени зборови придонесуваат за зачувување на јазикот и за негово збогатување, прашавме неколку личности кои за потесна специјалност го имаат токму македонскиот стандарден јазик.
Професорот Симон Саздов од Катедрата за македонски јазик и за јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, смета дека овие неологизми се коректно зборообразувани од аспект на употребата на афикси кои, иако од туѓо потекло, се во согласност со нормата на македонскиот јазик. Сепак, според него, подобро би било да се користат домашни зборообразувачки средства, па наместо „досоросоизација“ да се употреби, на пример, „отсоросува“.
– Околу тоа дали го збогатуваат јазикот, сè зависи од тоа како се сфаќа збогатувањето. Чисто формално, секој нов збор квантитативно го збогатува речникот на еден јазик. Сепак, квалитативно не е така. Колку за пример, мене уште не ми е јасно што се подразбира под „дефакторизација“. Тоа, веројатно, значи дека овие зборови немаат висока комуникациска вредност, туку имаат поинакво влијание – да не се разбере точно што се кажува, за да може, веројатно, подоцна да се толкува, да се објаснува според потреба – вели Саздов.
Неговата колешка, проф. Искра Пановска-Димкова, пак, вели дека станува збор за неологизми образувани по аналогија со зборовите од латинско потекло и во таа смисла не се нешто особено интересни за анализа од јазичен, туку од друг аспект: политички говор, говор на омраза и сл.
– Се разбира, не мислам дека го збогатуваат јазикот. Тоа е специјален речник, пропагандна реторика, специфичен за сите авторитарни режими, каде што се коваат нови зборови, кои звучат „бомбастично“ и имаат цел да извршат некакво влијание врз свеста на луѓето, односно следбениците или кај нив да предизвикаат некакви чувства, најчесто чувства на загрозеност од замислен непријател и чувство на омраза (општеството е дел соросоизирано дел просоросово, и сега треба да се изврши десоросоизација). Од друга страна, за процесите кои не чинат во општеството, се користат еуфемизми со цел, повторно, народот да се залаже, работите да не му се прикажат во вистинското светло и слично – објаснува Пановска-Димкова.
Со колегите се согласува и професорката Катерина Велјановска, која вели дека богатењето на речникот на еден јазик се одвива на три начини: преку заемање, преку развивање нови значења на постоечките зборови и изведување нови зборови со помош на зборообразувачки средства. Таа додава дека во македонскиот јазик најчесто се прифаќаат туѓи зборови кои може да бидат нужни заемки за именување нови предмети, појави и поими, но и дека постојат ненужни, кога посегаме по зборови од други јазици за кои веќе имаме наши или зборови од интернационалната лексика.
– За жал, во времето во кое живееме, сведоци сме на создавање нови зборови со помош на зборообразувачки афикси како „соросоиди“, „десоросоизација“, „просоросова (организација)“, „дефакторизација“ и сл., создадени за дневно- политичка употреба со намера да се навреди и да се потцени политичкиот неистомисленик. Сметам дека на овој начин не се збогатува речникот, затоа што ваквите новосоздадени зборови бргу ќе преминат во пасивната лексика и или ќе се заборават или ќе нè потсетуваат на ова време невреме во кое живееме – смета Велјановска.
И професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ констатира дека во последно време, од страна на главните функционери на ВМРО-ДПМНЕ сè почесто ги слушаме зборовите „десоросоизација“, „просоросови“, кои се употребуваат со негативна конотација, како говор на омраза кон сите што не се согласуваат со актуелниот начин на владеење во смисла дека се потплатени однадвор и се предавници на Македонија, а пак зборот „дефакторизација“ е непостоечки од аспект на јазичниот стандард, па затоа и неразбирлив. Таа смета дека во ова само се огледува непознавањето на стандардниот македонски јазик, како и негрижата, но посочува и ред други факти кои во истиот период ја манифестирале таа негрижа. Во тој контекст, таа посочува дека власта на ВМРО-ДПМНЕ не го почитувала Законот за употребата на македонскиот јазик од 1998 година, со тоа што не обезбедила присуство на македонскиот јазик на целата територија на Р Македонија. Како негрижа за јазикот, таа го истакнува и тоа што веќе две години не се полага лекторскиот испит, што е задолжително според истиот закон, како и тоа што кампањите на Владата, како и официјалните веб-страници, исто така, често не се лекторирани. Кон сето непочитување на законската регулатива, Груевска-Маџоска го додава и тоа што проектите на Институтот за македонски јазик, како единствен овластен субјект за грижа за македонскиот јазик, воопшто не се финансираат од 2010 година, дека нема нови вработувања на научен кадар од 1998 година, потоа дека полека згаснуваат лекторатите за македонски јазик низ светските универзитетски центри и ред други работи, од кои таа заклучува дека поголема негрижа за македонскиот јазик од последниве десетина години немало.
– Затоа мене лично ми е од една страна смешно, а од друга трагично кога ги слушам патриотските изливи дека не го даваме македонскиот јазик – завршува Груевска-Маџоска.