„Google“ најавува поинтензивна борба против онлајн-екстремизмот и тероризмот

Сподели

Компанијата „Google“ најави поинтензивна борба против екстремизмот на интернет и активирање дополнителни сили за откривање и отстранување од интернет на видеоснимките и содржините поврзани со екстремизам и тероризам, јавува Anadolu Agency (AA).

Оваа најава од „Google“ стигнува во сенката на бранот на нови терористички напади во Велика Британија, САД и во другите делови на светот. Последен во низата терористички напади е нападот што се случи синоќа во Лондон, кога напаѓач со возило влета меѓу верници пред џамијата и притоа усмрти едно, а повреди десет лица.

„Додека нам и на другите ни беа потребни години труд за да ги откриеме и да ги отстраниме онлајн-содржините што ги кршат нашите правилници, горливата вистина е дека како индустрија мораме да признаеме оти мораме многу да направиме сега, веднаш“, се наведува во соопштението на раководството на „Google“.

Невладините организации коишто се залагаат за толеранција и борба против омразата често го критикуваа раководството на „Google“ и социјалните мрежи дека не прават доволно за да ја спречат пропагандата на екстремистите на интернет.

„Google“ со компаниите „Facebook“, „Microsoft“ и „Twitter“ неодамна постигна договор за интензивирање на заедничките напори во развивањето механизам за брзо откривање на говорот на омраза и екстремизмот на интернет, а по последните напади во Лондон, „Google“ истапи со нова најава дека дополнително ќе ги интензивира напорите во тој правец.

Најавено е дека ќе биде удвоен бројот на експертите кои за „Google“ работат како идентификатори на спорните содржини, а најавено е и масовно обучување на луѓето за тие задачи.