Град Скопје: 14. издание на „БЕЛА НОЌ“

Сподели

Градоначалникот Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов и директорот на Универзална сала, Филип Аврамчев, денеска на конференцијата за медиуми, што се одржа во Младинскиот културен центар-Скопје, ја објавија програмата за годинешното 14-то издание на културната манифестација „Бела ноќ“, што ќе се одржи  утре, 6 октомври 2018 година.

Оваа година ќе имаме несекојдневно издание на Белата ноќ. Четиринаесетгодишното постоење на оваа веќе препознатлива манифестација на Градот, за првпат ќе биде збогатено и со фестивал на светлината, односно Skopje light art district. Овој фестивал е направен по теркот на најпознатите светски фестивали на светлината, а е поддржан во рамките на РОК-проектот, проект на програмата на ЕУ – Хоризонт 2020. Тука, морам да ја напоменам и несебичната поддршка на Градот Лион, каде што постои најстариот фестивал на светлосна уметност – изјави Шилегов.

Во јуни и во септември имавме четири несекојдневни проекции на кино на отворено во градскиот парк, а овој пат ја имаме можноста да уживаме во кино на покривот на Градскиот трговски центар. Во ГТЦ веќе активно живее Галеријата на отворено и се покажа како место кое го сакаат граѓаните на Скопје. Утревечер, таму ќе се случува Roller disco, а за поздрав е и тоа што првпат годинава во програмата се вклучени и средните училишта во Скопје – нагласи Шилегов.

Русе Арсов, директорот на МКЦ, нагласи дека годинава главен акцент е ставен на домашни уметници  за да покажеме што ние како главен град може да понудиме и вети добра забава.

Филип Аврамчев, директорот на Универзална сала, кој е главен организатор на Фестивалот на светлината, најави настапи на 16 артисти на тридневниот фестивал кој ќе изобилува со најразлични видови светлосни инсталации.

Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Градот Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар-Скопје.

Целосната програма може да ја погледнете на следниот линк: http://belanok.mk/

Утре, за време на одржувањето на БЕЛА НОЌ, организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.