Советот на Град Скопје, на денешната седница донесе Одлука за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана од бездомни кучиња на јавни површини.
Со оваа Одлука се утврдува вонсудско спогодување во постапка по која ќе може да се исплаќа штета согласно со судските практики. Вонсудското спогогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци кои произлегуваат од судските постапки и сите пропратни процедури, а исто така е полезно и за оштетените во остварувањето на правото.
Трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатски услуги во 2020 година го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година, повеќе од 26 милиони денари. Во 2020 година беа поднесени 480 тужби против Град Скопје, додека во 2021 година, се поднесени 589 тужби. Оттука носењето на Одлуката за вонсудско спогодување ќе заштеди многу средства во градскиот буџет, информираат од Град Скопје.
Согласно со новата Одлука ќе биде оформена Комисија која ќе одлучува за начинот и исплатата на штетите од каснување предизвикано од бездомни кучиња. Комисијата ќе одлучува врз основа на Правилник за склучување на спогодба со оштетени граѓани.