Изразуваме жалење што советниците од советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на Градот Скопје повторно решија да ги задоволат партиските лидери наместо скопјани, реагираат од Град Скопје.
На денешната седница на Советот наместо да надвладее разумот, надвладеа суетата на двете најголеми политички партии во Македонија, кои здружено решија да работат на штета на граѓаните на Скопје.
Сметаме дека е крајно лицемерно советниците кои граѓаните ги плаќаат со 500 евра месечно, да не покажат апсолутно никаква грижа за истите тие граѓани.
Скопје има потреба од нови еко-автобуси заради намалување на аерозагадувањето и подобрување на услугите во јавниот транспорт. Сите балкански и европски метрополи континуирано го обновуваат возниот парк, но таму нема ликови на кои медот им е поважен од благосостојбата на граѓаните.
Градот Скопје им даде можност на советниците сами да ги изберат условите за кредитирање на проектот и спецификациите за набавка на автобусите, со цел што побрза реализација на суштински проект од програмата “За Модерно Скопје”, за жал, партиите продолжуваат со нивното деструктивно однесување.
Благодарност до советниците и советничките групи кои ја препознаа важноста и гласаа за реализација на ваквиот проект. Градот Скопје нема да дозволи група партиски послушници да спречат скопјани да живеат подобро и поквалитетно.
Граѓаните се свесни кој работи во нивен интерес, а на кој најважен му е “лидерот”. Со деструктивно работење си штетат само себеси и на скопјани кои ќе го казнат таквото однесување, се наведува во денешното соопштение на Град Скопје.