Проектот за воведување на градско – приградска железница во Скопје би создал услови за урамнотежен развој на главниот град, но најпрво ќе мора да се направат соодветни студии и да се пронајдат позначајни финансиски средства за неговата изведба. Владата во својата 4 – годишна програма за работа, во делот на инфраструктурата, го има вметнато проектот за воспоставување на приградски патнички железнички сообраќај во Скопскиот регион, кој би се состоел од 4 краци, со воведување на линии од Зелениково, Радуша, Миладиновци и Меѓународниот аеродром Скопје до Транспортниот центар.
Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета“ велат дека градско – приградската железница е во интерес на сите, додека возовите што би сообраќале до населените места околу Скопје ќе претставуваат најбрза врска на граѓаните со централното градско подрачје. Сепак, за реализација на овој проект се неопходни финансии за набавка на возни средства за планираната намена.
– За градски превоз на патници, најчесто се користат кратки моторни гарнитури (едно или дводелни) кои имаат само седишта за патници и поголем простор за стоење. Ваквата идеја е можна само со поврзување на возните редови на регионалните и интер – регионалните возови со возови кои би сообраќале локално – посочуваат од Железници на РСМ – Транспорт.
Златко Зафировски, доцент на Катедрата за железници на Градежниот факултет при УКИМ, посочува дека градско – приградската железница би имала позитивен ефект за градот Скопје и неговиот регион, но најпрво мора да се изготват соодветни студии со кои во детали би се разработил ваквиот проект.
– Треба да се проучи побарувачката за транспорт пред да се преземат вакви решенија – посочува доцент Златко Зафировски.
Во рамки на одбележување на Европската недела на мобилност, Градот Скопје во септември 2018 година ја промовираше идејата за комбинирање на железничкиот и велосипедскиот сообраќај во Скопје, при што неколкумина велосипедисти по тој повод патуваа од станицата Лисиче до Ѓорче Петров со воз. Овој настан беше организиран во соработка со граѓанската иницијатива „На Точак“, здружението „Прв до врв“ и двете железнички претпријатија.
Сепак, од градските власти и од владата во изминатиов период не е преземен поконкретен чекор кон изработка на соодветни анализи со кои би се определила оправданоста од воведувањето на градско – приградската железница во Скопје. Како за почеток, дел од сообраќајните инженери, предлагаат да се продолжи трасата на постојните патнички возови, кои наместо од/до главната железничка станица во Скопје кон градовите во внатрешноста, во иднина би можеле да сообраќаат до најпериферните станици на територијата на Скопје, со што би се зачестила бројката на патнички возови кои дневно сообраќаат на пругите од Скопскиот регион.