ГРАДСКИ ЛЕТЕН ПАРК!
Македонската филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје, на 6 и 7 јуни ве канат на два атрактивни настани кои што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје.
Годинава, Македонската филхармонија по завршувањето на официјалната концертна сезона, ќе го реализира настанот „Филхармонија на отворено“, кој ќе ја донесе нигериската музичка ѕвезда Феми Кути!
На спектакуларниот музички настан којшто ќе се случи на 7 јуни (четврток) во Градскиот парк во 21 часот, заедно со Македонската филхармонија, а под диригентство и во аранжмани на Џијан Емин, ќе настапи славниот африкански вокалист Феми Кути, кој доаѓа со неговиот фантастичен бенд „Позитив форс“. Дел од неговата музика, за првпат во светот, ќе биде изведена, односно аранжирана за симфониски оркестар.
Еден ден пред концертот на Феми Кути, на 6 јуни (среда), во Градскиот парк во 21 часот, ќе се случи настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески – „Исцелител“.