Претставниците на граѓанските организации, Игор Мицевски од Институтот за комуникациски студии, Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи и Златко Димитриоски од „Мост“, на Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ, му го презентираа нивниот „Предлогот за итни демократски реформи“ во Македонија.
– Постои заедничка согласност за потребата од решавање на крупните проблеми во државата, како што се нефункционирањето на судството, состојбите во медиумите, јавните финансии, јавната администрација, образованието, изборниот систем и слично. Потребни се коренити реформи во државата. Мора да се исполнат клучните услови за спроведување регуларни избори. Реформите што ќе обезбедат квалитетен живот за граѓаните и демократска и сигурна иднина на Македонија, може да ги спроведе само легитимна влада избрана од граѓаните на слободни, фер и демократски избори – рече на средбата Спасовски.