Синоќешниот протест во Скопје, запаленото грчко знаме, интервјуто на премиерот Зоран Заев и демантот од владата, добија сериозен третман во грчките медиуми. Беа присутни и во централните изданија на вестите на грчките телевизии, но и во онлајн изданијата на весниците, како и во информативните портали, јави дописникот на МИА од Атина.
„Протест на националисти во Скопје – го запалија грчкото знаме“; „Радикални Скопјани бараат итен прекин на преговорите во ОН“; „Скопје: радикализам од националисти – црвени линии од Заев“ се дел од насловите под кои грчките новинари ја објавија веста за протестот во Скопје.
„Голем број од демонстрантите имаа знамиња со сонцето од Вергина, додека, пак, некои од нив, го запалија грчкото знаме. Меѓу учесниците беа и митрополити од расколничката православна црква на ПЈРМ кои му се обратија на народот“, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во текстот што го презедоа речиси сите грчки медиуми, пишува дека на протестот учествуваа околу 5.000 лица, кои побараа да нема никаква промена на уставното име и никаква измена во Уставот.
Вчерашното интервју на премиерот Заев за Ројтерс, експресно беше пренесено од медиумите во Грција, но текстовите подоцна беа дополнети и со демантот од македонската влада.
„Многу зборови, малку дела од Заев“; „Владата на ПЈРМ демантира дел од изјавите на Заев за Ројтерс“; „Кои се предлозите на Заев за новото име на ПЈРМ“, се само дел од насловите во грчките медиуми во однос на интервјуто и демантот од владата.
„Зоран Заев во неговото последно интервју за Ројтерс, каде по објавувањето од неговиот кабинет побрзаа да ги разјаснат точките кои, како што рекоа, не беа пренесени точно, објасни дека единствено што прифаќа е сложено име со географска одредница. Освен тоа, ништо друго. Ниту разговара за промена на Уставот, подготвувајќи терен за двојна формула, ниту разговара за било што, што го допира идентитетот на народот на неговата земја“, пишува CNN.gr.
„Владата на ПЈРМ категорично демантираше дека премиерот на земјата, Зоран Заев, во неговото интервју за Ројтерс, рече дека ПЈРМ е подготвена да направи некоја промена на Уставот. Премиерот, како што е објаснето, говорел за некоја промена на името, а не на Уставот“, објави грчката новинска агенција.
Грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, коментираат дека и двете страни не отстапуваат од „црвените линии“, а со тоа разликите за одредени точки и прашања меѓу Скопје и Атина сѐ уште не се надминати. Како главен пример, се споменува барањето на Грција за промена на македонскиот Устав и ставот на Македонија дека не се потребни измени.
И сето ова, во исчекување на посетата на Коѕијас на Македонија, за која сѐ уште не постојат официјални информации.
Говорејќи за првата програма на грчкото државно радио, шефот на грчката дипломатија, во саботата рече дека патувањето во Скопје ќе биде во март.