Национализмот денес не е надминат. Напротив, со поразот на социјализмот од деведесетте години на минатиот век, тој повторно е реактуелизиран, витален и во подем. „Национализмот, етноцентризмот, расизмот – авети за кои долго се мислело дека се протерани од европското тло – се вратиле по половина век долгото мирување…“ пишува современиот американски историограф Патрик Гери. Кај нас, пак, последниве години, национализмот со државна финансиска и логистичка поддршка е претворен во своевидена лоша, заразна и невродегенеративна, болест која секојдневно ни се враќа и предизвикува лудило кај мнозинство наши луѓе. Quotidianus typus на ова наше колективно нервно растројство, се очитува и препознава преку масовната деменција и бескрајно досадното квазипатриотско празнозборие кое има задача идејно да го регенерира криминалниот режим.
Овој наш некрофилски национализам кој најчесто ги користи како симболи мртовечката глава, бомбата, пиштолот, крстот, евангелието…, во својата суштина е екстремно аноргански, антиживотен, полн со симболика на смртта, штетен токму за она кон што е во основа насочен и концентриран. Тој ги собира околу себе сите оние што се пред симболичко умирање: од откорнатото и дезорентирано селанство, преку лумпенпролетеријатот и „високите“, самозамислени и самопрогласени, аристократски слоеви, па до дегенерините орди од ситни буржуи кои завршуваат со екстаза при секоја најава на фашистичкото „ред, работа и дисциплина“. Тука, фактички, влегуваат незадоволната и нереализирана полуинтелигенција, припадниците на несреќните и истрошени семејства кои се во фаза на распаѓање, политичките проститутки, бродоломниците од сферите на културата и уметноста, некогашните селани кои стигнале до градскиот асфалт, тажните сонувачи за античко-вмровското македонско кралство кое ќе има доминација врз сиот свет (или барем до Индија), обичните кретени, уличните силеџии и кафеанските алхохоличари, новосоздадените полуписмени и полуглупави тајкуни, духовниот џган составен од ситната бирократија, која, всушност, е збирштина од полупрофесионални полтрони, развратници, стриптизети и блудници… Сите тие се квасецот од кој буи пропаста на македонска култура, нација и држава. Тој човечки талог на нашата општествена, политичка, културна и социјална средина, заедно со нивната омраза кон припадниците на другите нации, кон образованите и пристојните и кон оние со поинакви идејно-политички мисли, е spiritus rektor на нашиот фашизоиден портокалов националшовинизам.
Симболиката на смртта, редовно се среќава и низ националистичкиот портокалов дискурс, кој секогаш глуми страдање заради изгубените делови на Македонија, секогаш е плачлив и лигав заради „гибелната“ историска неправда, секогаш поставува возвишен морален контрапункт над гробот на „невино закланиот труп“ на непознатиот народен јунак, секогаш при честите панихиди и националистички литии ги истакнува наводните високи „аскетски и ангелски“ принципи од кои се раководеле нивните историски идоли (кои, попатно кажано се туѓи национални херои и немаат ништо заедничко со аскетизмот, туку се верници на хедонизмот). Овој гробен и задгробен дискурс, секогаш ги изложува на потсмев и презир поимите на слобода, демократија, човечност, братство, хуманизам, социјализам, интернационализам…, а од заглушувачкиот и сеприсутен плач врз „неправедно масакрираното национално тело“ и врескањето за одмазда и одбрана, кај нас повеќе не може да се чуе ниту една хуманистичка или разумна мисла.
Нашава денешена националистичка болест, со фаворизирањето на големобугарските експоненти од македонското минато (од типот на Матов, Александров, Михајлов и нивните послушни „комити“ и македоноубијци), со интелектуалното напињање по секоја цена да се оцрнат оние кои ја создадоа и градеа македонската национална држава (Колишевски, Влахов, Мојсов, Глигоров…), со вампирскиот антикомунизам, во многушто има, и суштински и надворешни, симптоми на антимакедонски неоврховизам. Секако, потврда на овие констатации можете лесно да добиете само со површен поглед на телевизиските екрани каде, секојдневно, се продуцираат и емитираат амбициите на неоврховизмот да востанови своја хиерахија на вредности, свое толкување на настаните од минатото и свои врховистички перспективи за македонската иднина. И, ако овие неоврховистички гробари во тоа успеат, македонската нација и македонската држава ќе имаат само една скромна некропола на непрегледните гробишта на историјата.