Грција прогнозира нови притисоци за решавање на името по изборите во Македонија

Сподели

a138b65e-ee8f-4812-94cd-5cb07e37bd19

Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас очекува нови притисоци за побрзо решавање на спорот за името по завршувањето на македонските парламентарни избори во декември.

Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Коѕиас потенцира дека на преговорите треба да им се посветат само двете држави во рамки на форматот под капата на Обединетите Нации и под палката на Метју Нимиц и да не се дозволи мешање од трети држави. Со тоа, Коѕиас испрати индиректна порака до меѓународната јавност и државите кои индиректно се нудеа како посредници во спорот за името да не се вмешуваат во процесот.

– Мојата проценка е дека по изборниот процес и изборите на 11 декември сигурно ќе има обиди за поттикнувања од многу страни за решавање на спорот за името. Како што било и до сега, по изборите ова прашање ќе треба да биде тема на преговори меѓу двете Министерства за надворешни работи, а не да биде оставено на трети. Секако и со помош на медијаторот Метју Нимиц – вели Коѕиас во интервјуто.

Во врска со мерките за градење доверба и подобрувањето на климата благодарение на тие разговори, Коѕиас коментира дека останува да се види колку овие мерки ќе помогнат директно во преговорите за решавање на спорот за името. Тоа што е клучно за него е дека мерките помогнале да се подобри имиџот на Грција меѓу македонскиот народ и да се урне идејата и ставот дека Грција тежнее кон тоа Македонија да се распадне и да не постои како држава.

Сепак и покрај позитивниот тон на Коѕиас за потребата за подобрување на климата меѓу Македонија и Грција, во интервјуто изненадува неговиот сатиричен тон околу името на Македонија.

– Проблемот е дека кумот на оваа држава има направено некаква грешка во врска со името на државата – вели Коѕиас за „Катимерини“.

Позицијата на Коѕиас дека не се прифаќа уставното име на нашата држава не е нешто ново, особено откако и грчкиот премиер Алексис Ципрас во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите Нации потенцираше дека останува грчката црвена линија за име со географска одредница за севкупна употреба. Сепак покрај интензивираната комуникација меѓу двете страни и заложбите за подобрување на односите Македонија-Грција, неговиот тон создава прашалници колку ваквите ставови може да помогнат да се создаде плодна почва за прифаќање на потенцијално заеднички прифатливо решение.

meta.mk