Разликите се минимални, тие можат да се надминат и денеска да постигнеме конечен договор, рече Артан Груби од ДУИ, пред почетокот на денешната рунда преговори помеѓу политичките партии потписнички на Договорот од Пржино во Клубот на пратеници.
– Разговорите се одвиваат во конструктивна атмосфера. Разликите се многу минимални и сме блиску до договор. Се надевам дека договор ќе постигнеме денеска или најдоцна утре, а единствената можна дата за избори оваа година е 11 декември – рече Груби.
Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ постојано одбива предлози, а дека неговата партија е конструктивна и постојано дава нови предлози за да се постигне конечно решение.
– Генерално, се разговара за две работи. Првата е по завршување на изборите да заврши владата од Пржино и, втората, да не може да се прави злоупотреба и масовна партиска чистка во МВР – изјави Тодоров.
Тој вели дека ако СДСМ ги прифати овие, според него, рационални принципи, денеска ќе се постигне договор.
Според Радмила Шекеринска од СДСМ, пак, ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни избори и од Договорот од Пржино.
– Сметаме дека на Македонија час поскоро ѝ требаат демократски и фер избори и затоа предлагаме решенија, а не отвораме нови прашања – вели Шекеринска.
Преговорите на политичките партии денеска се одвиваат во Клубот на пратеници, а присуствуваат и претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и американскиот амбасадор, Џес Бејли.
meta.mk