Никола Груевски и пораншниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска поголем дел од денот ќе го поминат во Основен суд Скопје 1, поради неколку судења.
Во 9.45 часот почнува рочиштето за случајот на Специјалното јавно обвинителство наречен „Траекторија“, во кој освен двајцата обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Случајот е за договорите за новите автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание, а останатите тројца за злоупотреба на службената положба и овластувања.
По рочиштето за „Траекторија“, закажано е рочиште за случајот „Шамари“, а во овој предмет Груевски и Јанакиески се прво и второобвинети, а со нив на обвинителна клупа е актуелната пратеничка и поранешна советничка во Општина Центар Даниела Рангелова.
Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.
На денешното рочиште треба повторно да сведочи екс градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, пред адвокатите на одбраната, откако на минатото рочиште сведочеше пред специјалните обвинители