Груевски негира дека од Виена дал налог за упад во Собранието

Сподели

 

По одложувањето на расправата за случајот „Титаник“ во Кривичниот суд, поранешниот премиер Никола Груевски рече дека „интензивниот распоред на судења за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е одраз на силен притисок, за да се дефокусира јавноста од актуелните теми во државата како што е спорот за името.“

– Како што можевте и денеска да видите, денеска се чувствуваше  притисокот којшто го имаат судиите по секоја цена, со кршење на правата на обвинетите да ги тераат случаите и да ги завршат што е можно побрзо. Имено, што се однесува до мене, ми беше кажано дека имам само еден ден, и тоа не цел, три часа во тој ден, да прочитам десетици илјади страници што ги испратило СЈО. На тоа судијата немаше одговор и кажа дека тоа е неговата одлука без да даде аргумент, бидејќи очигледно тој е под жесток притисок. Под притисок во овој период да се зборува за ова, наместо за клучните теми. На иста линија е и трендот на обвинување за се и сешто кон мене. Сега е модерно, во тренд е за сè да бидам јас обвинет. Дневно по 2-3 работи смислуваат за да се зборува за тоа, а да не се зборува за реалните проблеми и реалните апсурни од страна на владата со кои се соочува државата – истакна Груевски.

Прашан дали, телефонски дал налог за настаните во Собранието на 27 април, Груевски негираше дека од Виена тој или неговиот телохранител дале налог да почне упадот во Собранието.

– Да имаше „д“ од доказ против мене, јас одамна немаше да бидам тука. Што не значи дека тие што ги уапсија се виновни. И тие не се виновни и го понесоа товарот на тој случај. Што се однесува до обвинување на членот на моето обезбедување, јас разговарав со него и тој ми рече дека како и секој, разговарал само кратко со сопругата и со неговиот брат, исто така семејни разговори и тоа е се. И во обвинението немаше дека мој телохранител нарачал инцидент. Да имаа докази, работите немаше да бидат вакви. Јас ги повикувам, ако имаат некакви докази против мене, веднаш нека ги објават. И јас не сум дал таков налог – одговори Груевски на новинарско прашање.

Груевски порача дека, очигледно некој сака јавноста да се занимава со него, за да се одвлече вниманието од јавните прашања, а како доказ за тоа, наведе дека постои тенденција него да го вмешаат во се и сешто.

мета.мк