“Никого од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ не сум овластил да се повикува на моја наводна ексклузивна поддршка, заради собирање потписи за поддршка или гласање”, вели Никола Груевски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка.
Тој преку неговата официјална „Фејсбук“ страница испрати осум пораки до кандидатите и потенцијалните кандидати на партијата и до делегатите на Конгресот кој треба да се одржи на 22 и 23 декември.
Груевски вели дека секој од кандидатите треба да добие ист третман, фер однос и еднакви шанси за преставување и потенцира дека не треба да има привилегија за оние кои се на повисоки партиски функции.
Тој ги предупредува кандидатите кои се на повисоки партиски функции да не ја злоупотребуваат партиската инфраструктура, логистика, функционерите кои хиерархиски им се подредени во нивната лична кампања.
Испрати апел до кандидатите во процесот на собирање потписи да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или било која друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите.
„Да не користат навредливи, омаловажувачки, потценувачки, невистинити, компромитирачки или какви други зборови со кои ќе го девалвираат противкандидатот или потенцијалниот противкандидат. Да не заборавиме на достоинството на конкурентот, единството во партијата, заедништвото, пријателството, сопартиството и дека сите се бориме за иста кауза, имаме иста идеологија, и заеднички политички противник. Да не заборавиме дека по 10 дена ќе заврши Конгресот и изборот на нов претседател, ќе треба да се погледнеме во очи, и секој на еден или на друг начин ќе биде потребен во натамошната политичка борба против СДСМ, а во целите за понапредна, постабилна и попросперитетна Македонија“, вели Груевски.
На крај Груевски додава дека оној кој ќе делуваат спротивно од овие препораки и го нарушат угледот на партијата и конкурентите во партијата, не е достоен да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и делегатите треба да го имаат предвид ова.