Група од 35 пратеници побараа од Џафери да свика итна собраниска седница

Сподели

 

На иницијатива на владејачката партија СДСМ, 35 пратеници на владејачката коалиција, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Беса и ДПА се потпишаа на барањето за свикување на итна собраниска седница и истото го доставија до Собранието. Собранискиот спикер Талат Џафери треба да го повлече следниот потег и да одлучи дали ќе закаже собраниска седница, која би се одржала и покрај одлуката за распуштање на Собранието што се донесе на 16 февруари.

Според членот 63 од Уставот на земјава, мандатот на пратениците може да се продолжи во случај на воена или вонредна состојба, што претставува исполнет услов поради моменталното траење на вонредната состојба. На ова се повикуваат и пратениците што се потпишаа на ова барање. Предлогот за закажување на итна собраниска седница можат да го поднесат најмалку 20 пратеници од Собранието, што е услов исполнет во поднесеното барање.

Потпишаните пратеници во барањето му предлагаат на собранискиот спикер да закаже итна собраниска седница за да се потврдат двете одлуки донесени од македонскиот претседател на 18 март и 16 април за прогласување на вонредна состојба во земјава. Овие пратеници укажуваат дека Собранието е органот што треба да ја донесе одлуката и за завршување на вонредната состојба, по што би се овозможило и Владата да престане со донесување на уредби со законска сила, кога ќе прекине опасноста од ширење на корона вирусот.

Собранискиот спикер Џафери вчера изјави дека нема мандат со индивидуален акт да ја поништи одлуката на Собранието за самораспуштање, посочувајќи дека Уставот предвидел и ситуација кога парламентот не е во можност да се состане.

– И во случај парламентот да се состане, прашање е дали ќе обезбеди двотретинско мнозинство за потврда на одлуката на претседателот – изјави Џафери.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и денес повторија дека Собранието не може да заседава затоа што е распуштено и дека Уставот е јасен по ова прашање. Сепак, потпретседателот Александар Николоски вели дека партијата дополнително ќе донесе одлука што ќе била на линија на Уставот, ако претседателот  Џафери се одлучи да свика итна собраниска седница.