САРАЕВО (АА) – Пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (MKСJ) во Хаг, денес започна изнесувањето на завршните зборови и одбрана, со кои ќе биде завршено судењето на генералот Ратко Младиќ, командантот на Главниот штаб на Војската на Република Србија (ВСРС), јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителот Алан Тајгер во своето излагање пред судијата Алфонсо Ориј потсети на улогата што Младиќ ја имал за време на војната во 1995 година, во Сребреница, а истовремено и во Сараево.
„На 11 јули, Младиќ влезе во Сребреница и се заколна дека дошло време за освета над Турците. Во краток период, повеќе од 7.000 момчиња и мажи од Сребреница, меѓу кои и момче од 12 години, биле убиени на систематски начин. Заедницата во Сребреница е уништена и всушност исчезна. Во меѓувреме, Сараево е држено под она што Младиќ го нарече ‘наш чекан’. Цивилите беа под постојан артилериски оган. Тој терор беше потпомогнат со притисокот поради ограниченото доставување на хуманитарната помош. Овие широки злосторнички напори во Сараево, Сребреница, заедно со земањето заложници на лица од ОН во мај 1995 година, сето се гледа во четири злосторнички потфати што се наоѓаат во обвинението: сите служеле со цел да се формира српска држава со што помалку историски непријатели“, изјави Тајгер додавајќи дека сведок за сето тоа се огромниот број докази коишто ги покажуваат огромните размери на злосторството на Младиќ.
Тајгер истакна дека одбрана се обидува Младиќ да го трансформира во благ офицер кој се обидува да ги заштити цивилите, и дека се обидува да се заштити и неговата командна одговорност, што го оцени како смешно.
Во прилог на своите тврдења, Тајгер покажа снимка од 30 секунди во која Младиќ, во хотелот Фонтана во Сребреница, на претставниците на бошњачките цивили им вели дека мораат да ја наговорат својата војска да го предаде оружјето.
Како доказ на овие тврдења, Тајгер покажа и снимка од Младиќ направена на 15 август 1994 година во Подриње.
„Сними го ова слободно. Нека видат нашите Срби што им направивме, како ги средивме Турците. Во Подриње, Турците ги истепавме. Да не ги чуваат Американците и Англичаните, Украинците и Канаѓаните во Сребреница, сега Холанѓаните, одамна би исчезнале на овој простор“, ова се зборовите на Младиќ на снимката, за која Тајгер вели дека е „директен доказ против него“.
Во тек е паузата, по која ќе биде продолжено изнесувањето на завршните зборови на обвинителот.
Предвидено е обвинителите да ги изнесат завршните зборови до среда, 7 декември, а одбраната на Младиќ од 9 до 13 септември, додека одговорите на аргументите на спротивната страна ќе ги изнесува на 15 декември.
Со ова ќе биде завршено четиригодишното судење на Ратко Младиќ, обвинет за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната во БиХ 1992-1995 година.
Судењето на Младиќ започна во мај 2012 година.
Тој кон крајот на мај 2011 година, речиси по 16 години криење и бегство, беше уапсен во Србија и предаден на МКСЈ. За време на неговото прво појавување пред судиите на МКСЈ, тој се изјасни дека не е виновен, па Судскиот совет во негово име внесе дека тој не се чувствува виновен.
Во текот на судењето, обвинувањата и одбраната, испитани се околу 300 сведоци, а во судските записи воведен е и голем број писмени сведочења.
Хашкото обвинителство подигна обвинение против Младиќ за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и Хрватите низ БиХ, за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата, гранатирање и снајперски истрели и земање на меѓународните војници како заложници, сето тоа во периодот од 1992 до 1995 година.
Според она што го изјави пред Хашкиот трибунал, првостепената одлука за предметот Младиќ се очекува да биде донесена во ноември следната година.