Халкбанк АД Скопје донесе одлука на сите физички лица, клиенти на банката, кои по било која основа немаат ненаплатени кредитни обврски подолго од 90 дена на датум 29.02.2020 година, да им понуди одлагање на отплатата на кредитните обврски (кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања на трансакциска сметка) за период од 6 месеци и продолжување на рокот на крајното достасување на обврските за дополнителни 6 месеци.
„Поаѓајќи од фактот дека нема поединец или семејства кои не се засегнати од кризата предизвикана поради пандемијата од вирусот COVID – 19 и водејќи се од своето основно начело “ВАЖНИ СЕ ЛУЃЕТО”, ХАЛКБАНК АД Скопје како општествено одговорна компанија реши да им излезе пресрет на граѓаните, клиенти на банката и да им даде можност за пролонгирање на сите свои кредитни обврски кон банката. Во време на ваква голема закана по државата и по граѓаните се надеваме дека на овој начин ќе успееме сите заедно полесно да ја пребродиме кризата“, вели Билал Суџубаши, Генерален извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Од банката потенцираат дека понудата важи за сите кои немаат нефункционални кредити, односно клиенти кои имаат кредитна изложеност во банката со класификација А, Б и В редовни на датум 29.02.2020 година.
Доколку клиентот има повеќе кредитни задолжувања, (користи повеќе кредитни производи) истиот се стекнува со право за одлагање на ратите/каматите за секој производ.
Редовната камата која ќе биде пресметана за одложениот период ќе биде доспеана на крајот на грејс периодот и истата ќе биде договорно регулирана.
Од Банката ги повикуваат оние клиенти кои не сакаат одложување и сакаат да продолжат со плаќање со претходно договорената динамика, да ја известат банката за истото најдоцна до 05.04.2020 година со праќање на електронска порака или со повик до матичната филијала.
Доколку клиентот не ја контактира банката во следните 10 дена за да се изјасни со негативен одговор за оваа понуда, ќе се смета дека истата е прифатена, што значи дека нема да има потреба од потпишување анекси и доаѓање во банката.
Трајните налози за подмирување на кредитните обврски ќе се деактивираат и нема да прават резервација на средства на трансакциска сметка, освен за клиентите кои што ќе ја информираат банката дека нема да ја прифатат оваа понуда.
Овaa мерка на Халкбанк е со важност до 30.09.2020 година и во овој рок со барање клиентот може да ја смени првичната одлука за прифаќање или неприфаќање на понудата и дополнително да се изјасни за тоа дали сака да биде вклучен во користење на мерките или, пак, да излезе од истите и да се врати на редовна отплата.
Оваа одлука ќе се примени и за пензионерите бидејќи, иако пензиите ќе бидат исплаќани без застој, и оваа категорија граѓани индиректно е засегната преку членови на нивните семејства. Од банката ги молат членовите од семејствата да помогнат во информирање на Банката доколку пензионерите-членови на нивните семејства сакаат да продолжат со редовна отплата и не се во можност тоа да го направат самите.
Мерките кои ги донесе Халкбанк инаку се во согласност со Уредбата на Владата усвоена на 28-та седница на 25.03.2020 година и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологија за управување со кредитниот ризик донесена од страна на НБРСМ на 20.03.2020 – се наведува во соопштението на Халкбанк.