Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, утре доаѓа во Скопје, каде, според најавената агенда, ќе има средби со лидерите на четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино, специјалната јавна обвинителка и со претставници на невладиниот сектор.
За разлика од претходните средби, интересно е што овојпат ќе разговара со лица за кои има ефективни обвиненија, во судска постапка, со обвинителот кој ги гони, политички лидери кои се или биле на црната листа на Соединетите Американски Држави (САД) и со претставници на невладини организации за кои се води судска постапка, има прекршочни пријави и изречени им се казни.
- Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, е првообвинет како нарачател и поттикнувач на насилните протести пред Општина Центар во јуни 2013 година. Специјалното јавно обвинителство на средината од септември поднесе обвиниение, а почетокот на судскиот процес е закажан за 21 ноември.
- Зоран Заев, лидер на СДСМ, е обвинет во два судски процеси. Едниот е случајот „Пуч“, за кој надлежно е СЈО, а вториот е „Поткуп“.
- Али Ахмети, лидерот на ДУИ, како предводник на ОНА беше на црната листа на САД, но беше веднаш симнат од неа откако влезе во власта по изборите во 2002 година.
- Мендух Тачи, лидерот на ДПА, веќе 14 години е на црната листа на САД. Тој не е на списокот на обвинети политичари, но беше меѓу лицата помилувани од претседателот Ѓорге Иванов од 12 април годинава.
- Катица Јанева, специјален јавен обвинител, со големо мнозинство во Собранието беше избрана за таа функција на 15 септември минатата година, во согласност со Договорот од Пржино. Јанева и нејзиниот тим досега отворија околу 40 предистражни постапки, шест истражни постапки и поднесе две обвиненија за случаи кои произлегуваат и се повразни со незаконското прислушување.
- За неколку граѓански активисти – Павле Богоевски, Гордан Калајџиев – по разни основи или се поднесени обвиненија или се пресудени казни поради учеството во „Шарената револуција“.