Ако не извезуваме стабилност, ќе увезуваме нестабилност – тоа важи како за Балканот, така и за преостанатото соседство на ЕУ, оценува еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за електронското издание на германскиот весник „Цајт“, а во кое зборува и за Македонија, пренесува „Дојче веле“.
„Во наш интерес е во ПЈР Македонија да има стабилност и развој на правна држава. Секоја земја на Балканот треба да има европска перспектива. Тоа значи дека треба да се постигне промена во еден еволуциски процес. Ние се ангажиравме многу. Издејствувавме низа резултати. Имаше слободни и фер избори. За земјата, се разбира со извесен напор, е подобро ако тој развој продолжи мирно“, вели Хан, во кусиот одговор на прашањето за Македонија.
На прашањето дали Европската Унија е заинтересирана само за стабилност на Западниот Балкан и дали е важно само да биде мирно, Хан вели дека би било „наивно да се верува дека промена на режим може да се наметне однадвор“.
„Тоа не е ниту наша намера. Ние ги почитуваме нашите партнери како суверени држави. Нашиот ‘мек пристап’ (Хан го користи англискиот термин „soft power“) се состои во тоа да се постигне стабилност и благосостојба со мирнодопски средства. Не можеме од една страна да зборуваме за правна држава и демократски процеси, а истовремено луѓето на Западен Балкан да ги поместуваме овде-онде како на шаховска табла“, вели еврокомесарот за проширување и добрососедска политика.
Тој Западниот Балкан го споредува со тава полна со масло и вели дека „доволно е само едно чкорче и сѐ би пламнало“.
„Долгорочно смирување на регионот е можно само преку перспектива за зачленување во ЕУ“, вели Хан.
Во опширното интервју тој зборува и за влијанието на Русија и вели дека „Москва не седи со скрстени раце“, а околу прашањето дали Русија води хибридна војна на Балканот, нагласува дека „не би одел толку далеку и не би зборувал за војна“.
„Но, постојат дезинформации и обиди за остварување целно влијание за да се поттикне определено расположение и да се создадат одредени слики. Тоа во меѓувреме се класични методи. Но, тоа нема трајно да влијае врз развојот на настаните, во тоа сум уверен. Европа тука има добра позиција, зашто во државите на Западен Балкан ориентираноста кон Европа е толку силна, што секој политичар кој сака да биде реизбран се насочува во правец на Европа“, вели Хан.
Еврокомесарот за проширување неделава беше во дводневна посета на Македонија каде учествуваше на шестиот министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на регионалната соработка во областа на енергетиката. Тој имаше и средби со лидерите на политичките партии кои на изборите на 11 декември обезбедија пратенички места во Собранието со кои разговараше околу актуелната ситуација за формирање на нова влада.