Хелсиншки комитет: Пријавете повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување

Сподели

Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, утре ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување.

Комитетот, како што се наведува во нивното соопштение, ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот,што се наоѓа на ул.„Наум Наумовски Борче“ бр. 83. Доколку на граѓаните им е потребна мапа за локацијата на Комитетот можете да ја најдат на веб-страница :http://mhc.org.mk/pages/contact.

Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до просториите на Хелсиншки комитет, случаите на повреда на избирачкото право можат да ги пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436.

Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.

Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност.

Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Комитетот и истите нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните кои ја пријавиле повредата, се наведува во соопштението од Хелсиншки комитет.