ХЕРА: Самотестирањето за ХИВ функционира и кај нас

Сподели

 

Неделава, во Скопје, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го организираше јавниот настан „Самотестирање за ХИВ во Македонијаможности за подобрување на дијагнозата и остварување на глобалните цели за ставање крај на епидемијата на ХИВ“ на која беа презентирани наодите од евалуацијата на пилот-програмата за самотестирање за ХИВ преку интернет, која ХЕРА ја финализираше минатата година. Меѓу учесниците беа претставници на Националната комисија за ХИВ, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје и релевантни граѓански организации.

Користејќи го моделот на нудење на услугата за самотестирање за ХИВ преку интернет, пилот-програмата покажа дека ваквиот пристап е исклучително прифатлив за корисниците од целната група, кои се, исто така, задоволни од самата услуга. Воедно, пилот-програмата се покажа како мошне успешна во идентификувањето на недијагностицирани лица со ХИВ: oд направените тестови со самотестирање за ХИВ, 1,68 % се новооткриени случаи со ХИВ наспроти 0,02 % откриени во центрите за јавно здравје во 2021 година.

При самотестирањето за ХИВ, лицето самото зема свој примерок од плунка или крв и потоа го изведува ХИВ-тестот и го толкува резултатот, вообичаено во приватна средина. Комплетите за самотестирање за ХИВ се слични со брзите дијагностички тестови за ковид-19. Со нив тестирањето за ХИВ се поедноставува бидејќи може да се изведе во домашни услови, на подискретен начин, избегнувајќи го физичкиот контакт со даватели на услуги за ХИВ-тестирање, како што е тоа случај во здравствените установи или, пак, во сервисите на граѓанските организации. Со достава на комплетот, опцијата за самотестирање станува достапна на која било локација низ земјавата, со што се отвора можност за значително подобрување на дијагностиката на ХИВ-инфекцијата. Токму ова е главната причина поради која во 2019 година Светската здравствена организација даде силна препорака самотестирањето за ХИВ да се нуди како дополнителен пристап кон услугите за ХИВ-тестирање.

Имајќи ја предвид успешноста на пилот-програмата, услугите за самотестирање за ХИВ преку интернет треба да се приоретизираат и за нив да се обезбеди финансирање преку националната програма за ХИВ. Министерството за здравство треба да усвои национално упатство за ХИВ-тестирање, да осигури континуирано обезбедување на брзи тестови за ХИВ, вклучувајќи и тестови за самотестирање, но и да преземе мерки со кои ќе поттикне и овозможи самотестирањето за ХИВ да стане достапно и за приватна набавка во аптека. Исто така, треба да ја зајакне поддршката и да ги унапреди механизмите за вклучување на граѓанските организации во системот за здравствена заштита.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, во 2021 година само 70 % од проценетиот вкупен број лица инфицирани со ХИВ во Македонија биле дијагностицирани. Од друга страна, глобалната цел до 2025 година е 95 % од лицата што живеат со ХИВ да бидат дијагностицирани, 95 % од дијагностицираните да бидат поставени на терапија, а кај 95 % од нив да се постигне и одржи целосно потиснување на ХИВ-вирусот во крвта. Нашата земја се има обврзано да ја зголеми финансиската поддршка за овие мерки за да ги постигне глобалните цели во намалување на епидемијата на ХИВ и ставање нејзин крај до 2030 година.

Наодите од пилот-студијата укажуваат дека со овој пристап можеме поуспешно да ги достигнеме целите за ставање крај на епидемијата на ХИВ.