Хилари Клинтон ги обвини руските разузнавачи за хакирањето на службените сервери на Демократската партија, од која таа произлезе како кандидат за претседател на претстојните претседателски избори кои треба да се одржат во ноември.
– Знаеме дека разузнавачките служби ги пробија серверите на Националниот комитет на Демократската партија. Знаеме исто така дека организираа објавување на многу од овие електронски писма. Знаеме и дека Доналд Трамп демонстрира премногу проблематична желба да го поддржува Путин, изјави Клинтон.
Според неа ова се прави со цел Русија да влијае на изборите.
– Мислам дека ако се постават фактите, се јавуваат сериозни прашања за руската интервенција во нашите избори, во нашата демократија, рече Клинтон и додаде дека нема намера да трпи такво однесување од било кои држави.
Неодамна сајтот Викиликс објави електронска кореспонденција на Демократската партија на САД, детали од која доведе до оставка на шефот на националниот партиски комитет и до обвиненија против Клинтон дека партискиот апарат има работено во нејзина корист за време на изборите.
Русија на овие обвинувања одговори дека нема било каква вмешаност.