Хуманитарен пикник на „Алкалоид“ – донирани над милион денари за Здружението „Живот со предизвици“

Сподели

Над милион и 50 илјади денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа вработените во „Алкалоид“ АД Скопје, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка. Средствата ќе бидат донирани за Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.

Ова денеска го истакна генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов на традиционалниот хуманитарен пикник, кој осма година по ред го организира оваа фармацевтска компанија.

– И оваа година покажавме дека вработените од оваа организација сме општествено одговорни. Средствата ќе ги донираме за Здруженеито „Живот за предизвици“ кое им помага на болните со ретки болести. Мене ми е многу драго што свеста за оваа работа расте и ние може да придонесеме да им помогнеме, посочи Мукаетов.

Претседателот на Здруженето Весна Алексовска рече дека со овие средства „линијата за помош“ ќе ја направат многу поорганизирана, ќе имаат многу повеќе средби на пациенти и ќе им помогнат на луѓето со рана дијагноза и терапија.

– Кај ретките болести е многу тешко да се дојде до соодветна дијагноза и информација, истакна Алексовска.

Потенцира дека ќе продолжат да се борат за подобрување на квалитетот на живот на луѓето со ретки болести. – Секој од нас заслужува да биде дел од ова општество, да биде човек, а не само пациент, додаде Алексовска.