Голем број граѓански организации од целата држава на иницијатива на „Ајде Македонија“, денеска од 10 до 18 часот ќе спроведат национална хуманитарна акција „Нахрани 10 000“ за собирање храна. Станува збор за национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозени граѓани.
Како што информираат организаторите, целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна која ќе заврши во рацете на 10. 000 социјално загрозени граѓани. Хуманитарниот чин ќе се одвива во девет градови низ државава: Скопје, Битола, Виница, Струмица, Неготино, Охрид , Струга , Прилеп и Берово.
Ги повикуваме сите хумани граѓани да учествуваат и да донираат храна.
Препорачуваме сите хумани граѓани да донираат храна која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа , бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук, апелираат организаторите.