Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека по Соединетите Американски Држави (САД), и неговата земја ќе се повлече од Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО), пренесува Anadolu Agency (AA).
Нетанјаху во писмено сооштение нагласи дека му дал инструкции на Министерството за надворешни работи да направи подготовки за повлекување од УНЕСКО, паралелно со одлуката на САД.
Нетанјаху ја опиша како „храбра и етичка“ одлуката на САД за повлекување од УНЕСКО, и рече дека причината за ова е оти оваа институција „е претворена во еден апсурден театар кој наместо да ја заштити историјата, ја уништува“.
Стејт департментот на САД претходно соопшти дека се повлекува од УНЕСКО поради „антиизраелскиот став“ и „потребата за структурни реформи“.
„Стејт департментот на 12 октомври 2017 година, ја достави до генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, одлуката за повлекување на САД од УНЕСКО и за добивање статус на постојан набљудувач во организацијата. Оваа одлука не е донесена лесно. Таа е рефлексија на загриженоста на САД од продолжувањето на антиизраелскиот став во УНЕСКО, и потребата за структурни реформи во институцијата“, се вели во соопштението на Стејт департментот на САД.