И се прашувам до кога (не)луѓето ќе издржат без самите себе? – Соња ЈОВАНОВСКИ

Сподели

Се повеќе се фаќам самата како имам поголема потреба да пишувам отколку да зборувам…Можеби сето тоа е последица на се што ме допре во далгите на времето, во лавиринтите на нашето големо и страшно столетие…..епохата која се повеќе не оддалечува од реалното…за да преживееме. Застанувам пред екранот и чувствувам дека ме напаѓаат пулсирани мултиплицирани слики за нештата и луѓето кои влијаат на силата и трагиката на непокорот кој се повеќе ме демне…САМА – Од СИТЕ – за СИТЕ – против СИТЕ – кои вдахновението го чуваат во термос….Се будам и во ноќта и се запрашувам:- Што да правам во времето кога морничавата судбина се оцртува како парадигма на сиот наш драматичен и хаотичен век? Изгледа, ништо, освен одвреме навреме да пишувам, и да ги извадам јадовите…затоа што ме гушат (не)чувствата …Не сум ниту поет, ниту прозаист, едноставно имам потреба да му дадам душа на зборот преку моите размисли….Велат….Ако некој чувствува, а не пишува – не е поет (каде е зборот?)…А ако пишува, а не чувствува (каде е душата?) Каде е суштината? Пишувам кога сум тажна, кога сум бесна, кога сум неизмерно среќна, кога сум осамена или повредена, кога ми недостасува некој повеќе од животот мој…

-Никогаш не си знaела да бидеш во златната средина – ми велеше бато мој, види колку енергија трошиш играјќи од едниот крај на салата до другиот крај?

Но, мене таа средина ми беше секогаш туѓа… јас научив да бидам секогаш на границата на опасното, забранетото, трансцедентното…

Да можам целиот свој живот ќе пишувам подеднакво и за љубовта и за смртта, за вистината колку и да е болна, за сите оние кои се спремни да се жртуваат во име на љубовта, за сродните души и (не) душите на малограѓаните, снобовите, оние кои се дават во „смрдеата на изобилството и потребата за туѓа крв“, за луѓејадачите во балканските ќошови….за највисоките возвишенија на креативниот ум, и најдлабоките провалии на животниот пекол….Пишувам исклучиво по слух….го научив срцето да ми зборува најтивко што може и да молчи најгласно кога треба…

Знам дека повеќето се посветени на трагичните ломови и амбиси од мојот живот…

Иако сакав живот што продира и струи од сите страни…Ги посакував веднаш сите патишта. Посакував денот вчерашен да биде само легенда, да биде значаен секој ден во откривање на непознатото…

Сега Алеф стои до мене и ме учи да ги наткрилам во многу нешта врвовите на човечките мечтаења…ме учи како да дојдам до највисоките цивилизациски дострели кои се оцртуваат во средината на нашите заеднички мисли кон добробитта и племенитоста, упорноста во спознанијата…таму каде што пулсираат и не напаѓаат нашите сознанија, вистинити и отворени прашања за човекот и за животот кои не збунуваат, напати фасцинираат, но во секој случај ја разнишуваат нашата рамнодушност кон неправдата, инертноста, незаинтересираноста на луѓето да го започнат патувањето кон спознанието за себеси и нашето опкружување.

Стојам ко нем набљудувач пред сето она што се вика (не)живот и едноставно само пишувам…за сето тоа што го чувствувам, гледам и тоа стана неизбежен дел од мојата мисија…и се прашувам до кога (не)луѓето ќе издржат без самите себе…и без човеците кои сеуште на глава ја држат земјината топка…