Досегашниот заменик-министер, Ибрахим Ибрахими, од денеска е нов министер за труд и социјалната политика, по преземањето на функцијата од техничката министерка Фросина Ташевска-Ременски.
„Од денеска (29 декември 2016 г.), во согласност со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија од јули 2016 година, заменик-министерот во Министерството за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ја презема надлежноста, односно ја врши функцијата министер за труд и социјална политика“, стои во соопштението од министерството.
Ибрахими, кој е роден во Гостивар во 1967 година и е дипломиран економист, за заменик-министер за труд и социјална политика беше назначен кон крајот на јули 2011 година, а предходно од 2008 до 2011 година ја извршуваше функцијата заменик-министер во Министерството за правда.
Денеска и Оливер Спасовски му ја предаде министерската функција во Министерството за внатрешни работи на Агим Нухиу, кој досега беше заменик-министер во МВР.
Со објавувањето на конечните резултати од изборите од страна на Државната изборна комисија (ДИК), освен на министрите им заврши мандадот и на дополнителните заменици-министри во министерствата за внатрешни работи (Оливер Андонов), труд и социјална политика (Диме Спасов), земјоделство, шумарство и водостпанство (Љупчо Николовски), финансии (Кире Наумов) и за администрација и информатичко општество (Александар Кирацовски), во согласност со Договорот од 20 јули.
Оливер Спасовски и Фросина Ташесвка-Ременски на предвремените парламентарни избори освоија пратенички мандати, кои треба да им бидат верификувани утре, за кога е закажана конститутивната седница на Собранието.