Се надеваме, посакуваме и грчката Влада ќе работи во насока да се постигне она што го кажа премиерот, до 2033 година Западен Балкан да биде дел од европското семејство, рече портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по завршувањето на Самитот во Солун во петокот, како и во неговата колумна за „Политико“, предложи до 2033 година Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, со првиот чекор одлука за две седмици за Македонија и Албанија.
Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа колку е реална предожената цел и дали грчката Влада за конкретниот предлог разговарала со европските партнери, со оглед на тоа дека некои земји ја блокираат интеграцијата на други земји, Иконому рече дека грчката Влада ќе работи за постигнување на целта.
-Премиерот ја изрази намерата на грчката Влада да придонесе во оваа насока. Постојат процедури и конкретни предуслови што треба да ги исполнат земјите кандидати за членство за да станат дел од европското семејство. Се надеваме, посакуваме и грчката Влада ќе работи во оваа насока, за она што го кажа премиерот, до 2033 година да може да се постигне, рече Иконому.
Во однос на Самитот во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа одржан во петокот во Солун, портпаролот на грчката Влада истакна дека Грција развива „лидерска улога како фактор на стабилност, мир и безбедност во ЈИ Европа и како ко-модератор на дискусиите за иднината на регионот“.
-Важно е што за време на Самитот беше потврдена европската перспектива на земјите од регионот и беше усвоена Заедничка декларација во која се регистрира посветеноста на учесниците на принципите на демократијата и владеењето на правото, како и на вредностите на меѓусебно почитување и солидарност. Декларацијата вклучува конкретни заложби за активности во области од клучна структурна важност, како што се безбедноста пред стари и нови закани, енергетската безбедност, како и зелениот и одржлив развој, рече Иконому.
Додаде дека „показател за важноста на Самитот и доказ за надградената улога на Грција“ беше фактот што земјите беа претставени на највисоко ниво со присуство на шест претседатели, четворица премиери и еден вицепремиер, како и учествувото на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, како висок гостин и набљудувач и присуството на германскиот канцелар Олаф Шолц на вечерата./МИА