Денеска од печат излезе преводот на најдобриот италијански роман во 2020 година, како 206 издание во едицијата „ПРОаЗА“. По издавањето на исто така романот-лауреат „Тивок хаос“ во 2016 година, кој наиде на одличен прием кај македонските читатели, ИЛИ-ИЛИ се одлучи да го издаде и актуелниот добитник на престижната италијанска книжевна награда „Стрега“, романот „Колибри“ од Сандро Веронези, во превод од италијански јазик на Анастасија Ѓурчинова. Излегувањето на книгата е поддржано од Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија и од Министерството за култура на Р. С. Македонија.
Меѓународната сензација бр.1 од мајсторот на европската литература, Сандро Веронези – добитник на италијанската Premio Strega – е сага за едно фирентинско семејство од 1960-тите до денес. Марко Карера е јунакот во оваа семејна приказна, тој е „колибри“, човек со речиси натприродна способност да остане мирен во хаосот на светот кој постојано се менува. Како прекрасно и привлечно патување низ времето раскажано во голем број наративни стилови, „Колибри“ е приказна за страдањето, среќата, загубата, љубовта и надежта – за човекот кој го отелотворува тивкиот хероизам што го дефинира секојдневниот живот на безброј обични луѓе. Потенцирајќи ја потребата да се гледа во иднината со надеж и да се живее со интензитет до самиот крај, ремек-делото на Сандро Веронези – читливо, богато со знаења и исполнето со интересни пресврти и откритија – е портрет на човековото постоење, перипетиите и каприците кои нè поттикнуваат и на крајот нè дефинираат.
„КОЛИБРИ е мајсторски роман, брилијантно осмислен мозаик на љубов и трагедија“, е една од многуте позитивни книжевни критики за овој роман. Еве само мал дел од нив:
„Колибри е мајсторски роман, брилијантно осмислен мозаик на љубов и трагедија“. Ијан Мекјуан
„Сè што го прави романот вреден и привлечен е тука… прекрасно – трогателно, исполнето, убаво“. Гардијан
„Одличен роман, вибрира со живот и смрт, среќа и болка, носталгија и надеж за иднината“. Ванити Фер
Сандро Веронези (1959) e еден од најреномираните современи италијански прозаисти. Автор е на повеќе романи и збирки раскази и добитник е на некои од најпрестижните книжевни награди во Италија и надвор од неа. Со романот Силата на минатото (2000) ги освои наградите „Кампиело“ и „Вијареџо“, за романот Тивок хаос (2005) ја доби најпознатата италијанска награда „Стрега“ 2006, како и две значајни признанија во Франција: наградата „Фемина“ и „Медитеран – странци“. Овој роман со успех беше пренесен и на филмското платно од страна на режисерот Нани Морети во 2008 година. Со најновиот роман Колибри (2019) Веронези го повтори успехот, освојувајќи ја по вторпат наградата „Стрега“ за 2020 година.