Македонско друштво „Илинден“ од Тирана преку соопштение попладнево остро ја осуди, како што ка нарекува, антимакедонската изјава на Месила Дода, пратеничката од Партијата за правда, интеграција и единство во албанскиот парламент.
При посетата на Пешкопеја, Месила Дода рече дека Република Македонија е Илирида, ги повика политичките партии на Албанците во земјава самите да конституираат свој парламент, а отиде дотаму што се закани со војна во Македонија.
„Антимакедонските повици се нецивилизирани и немаат место на територијата на Европа. Ние мораме да работиме и да имаме храброст да изградиме искрени и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Балканот мора да се оддели од омразата и од ксенофобија меѓу народите“, стои во писмената реакција на македонското друштво „Илинден“ од Тирана.