ЊУЈОРК (АА) – Американскиот бизнисмен Илон Маск објави дека во текот на идните 10 години ќе им го овозможи патувањето на Марс на сите што платиле билет од 200.000 долари за ова патување, и дека на планетата планира да изгради место за сместување, јавува Anadolu Agency (AA).
Маск, кој е сопственик на фирмата за производство на вселенски летала и ракети „Спејс Икс“ и на автомобилската фирма „Тесла моторс“, преку интернет во живо говореше за својот проект „Систем за меѓупланетарен транспорт“ на 67. Меѓународна конференција за патување во вселената, кој се одржува во мексиканскиот град Гвадалахара.
Маск планира во следните 10 години, преку проектот со јавно-приватно партнерство на Марс да испрати луѓе и планира за оние што платиле билет од 200.000 долари, да изгради град во кој ќе бидат сместени. Цената на проектот е 10 милијарди долари, но Маск смета дека со користење на нови технологии и иновативни градби, треба да се намалат трошоците.
– Горивото на вселенското возило – метан и кислород –
Маск изјави дека со помош на вселенските летала БФР и БФС на неговата фирма „Спејс икс“, луѓето ќе можат да слетаат на „Црвената планета“. Овие летала ќе се движат со брзина поголема од 100.000 километри на час, што ќе предизвика загревање на леталата на над 1.650 Целзиусови степени. Маск соопшти дека вселенското летало како гориво ќе користи метан и кислород.
Едно вселенско летало ќе има капацитет на Марс да пренесе од 100-200 лица, рече Маск и додаде дека ги привршува работите околу формирањето на структурата на овие летала.
Националната администрација за аеронаутика и вселена на САД – НАСА и официјалните претставници од авиосообраќајот истакнаа дека за да успее овој проект, покрај финансиската поддршка, значајна е технолошка перспектива и меѓународната соработка.
Во меѓувреме, НАСА, која е најголемиот клиент на фирмата „Спејс икс“, беше принудена да го одложи полетувањето на вселенската експедиција со ракетата Фалкон 9, производ на „Спејс икс“ поради експлозија на системот за гориво на тест-пробата на почетокот од септември.