Отворање на изложба „ИМАГИНАРИУМ“ – самостојна изложба на илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска, 21 август, Галерија МКЦ, 20 часот.
ИМАГИНАРИУМ“ претставува самостојна изложба на академскиот уметник Христина Мазнеска, која ја сочинуваат 50-тина креативни колоритни илустрации за деца изработени во периодот меѓу 2018 и 2022 година.
Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска, произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги поддучуваат на моралните доблести – идни водилки кои треба да ги применуваат во текот на животот.
Христина Мазнеска е сестрана уметница која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Родена во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2018 г. во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Како добитничка на стипендиите Еразмус+ и CEEPUS за студентска мобилност, во текот на своите студии студира и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска, како и на Унгарскиот Универзитет за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Имала четири самостојни изложби во земјава, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници. Од 2018 г. работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Досега има илустрирано и дизајнирано десетина странски книги за деца меѓу кои се: “Before It’s Too Late”, “Mother Earth why are you crying?”, “Superhero Identity: Your Quest To Discovering Your Superpowers and Forming an Unstoppable You”, “Molly’s Song” и “Осмото Кралство”. Освен тоа како уметник работела и на четири видео игри. Живее и работи во Скопје. Има дневник за цртање каде што доловува моменти од секојдневието и убавините на природата.
Изложбата трае до 30 август.