ИМЕНУВАЊЕ НА ГРАДОТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

(во спомен на големиот писател и мојот интелектуален соговорник Радован П. Цветковски 03.09.1931-23.01.2022)

 

Живееќи во нашиот обезличен град, човек мора да се запраша дали е животот само сон и како таков само треперење на сенки и предрасуди, или е конкретна и непосредно дадена опиплива стварност?

Александар Литовски

Дали навистина луѓето се живи, или нивниот живот постои само во волјата на некои надземски суштества? Одговорот на таквите прашања го одразува религиозниот или профаниот поглед на животот, а таквите прашања и одговорите на нив, би требало да водат до освестувањето на луѓето и нивно самоодредување. До – самоименување!

Безмерната експлоатација, потрошовачката култура и малограѓанската злоба кај луѓето, го предизвикуваат, во полн интезитет, трагичното чувство на животот. Тоа создава мноштво песимисти, анархисти, нихилисти, религиозни фанатици, очајници, циници…, кои се сомневаат во својата сопствена среќа, во можноста за хумано живеење и во целта на животот, воопшто. Тоа чувство, во нашиот мал суеверен град, раѓа нови глупави малограѓани и верници. Создава, мали, богобојажливи, беспомошни, мрсулави, плачливи, досадни луѓе кои сенешто се жалаат и кукаат, луѓе кои бесмислено чекаат Господ да ги среди нештата. Или, насилници и завидливци, мизантропи кои боледуваат, не само од мизандрија и мизогонија, туку и од мизаутија. Создава, во главно, безлична и безимена маса од сити и здрави луѓе од ниската средна класа, кои немаат етика, карактер и достоинство, луѓе кои немаат ниту желба, ниту сила да се обидат да го променат системот кој робовски ги искористува и средината во која место да живеат – живуркаат.

Наспроти стремежот за живот во некаква „надчовечка“ и „безморалната“ малограѓанска „анархија“ во која главна атракција се тепачките, коцката, ракијата и курвите, наспроти глупавата религиозност и идиотското суеверие, наспроти малограѓаните без грижа за nomen proprium, нам во овој безимен град ни требаат луѓе со имиња, луѓе кои ќе бидат стручни и морални авторитети, луѓе по кои ќе ги именуваме нештата, луѓе кои ќе ја разбудат заспаната сила и енергија, луѓе со космополитски и благородни мозоци, луѓе со чувство за правда и чесност, луѓе кои се креативни и интилегентни, луѓе со енергија која ќе го разбуди сиот животен елан на непосредното доживување, енергија која ќе овозможи радост и среќа, енергија која ќе поттикнува на трудољубивост, енергија која ќе упатува кон дејствување во насока на културно, прогресивно и хумано живеење.

За нашиот градски прогрес ни требаат, нужно, не само луѓе кои што ни зборуваат убави и корисни нешта, туку и луѓе кои нè не хранат со лажни зборови и измислици, со поделби, караници и злобни озборувања. Ни требаат луѓе кои вистински и добронамерно ќе сакаат да го менуваат градот. Луѓе кои во име на општокорисното, ќе посегнат по чудесното. Луѓе кои Градот ќе го – именуваат. Од безличен и безимен град, ќе го претворат во град со препознатливи уникатни карактеристики, со значајни и убави нешта. Ќе изградат градско име кое, насекаде, со почит ќе се споменува и ќе се памети.

Ова значи дека за да постоиш на градски и човечки начин, треба да го менуваш и да го именуваш градот. Значи градот да ти се претвори во поле за културен и креативен натпревар, за место во кое ќе царуваат убавината, добрината и пристојноста. На крајот, се работи за двонасочна релација, оти Градот би требало своите градски градители, односно луѓето кои градат со зборови, со работа, со дејствување, со акција – да ги именува! Да ги препознае и награди, нивните имиња да ги слави и велича. Оттаму, градењето на доброто име на Градот и грижата за вистинските доблесни и заслужни имиња на поединците кои го граделе, или треба да го градат градот, се покажуваат како потреби од кои зависи иднината на овој наш Град.