Врз основа на член 81 став 9 од Уставот на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, денеска на 151. собраниска седница даде свечена изјава пред Собранието, по што започнува да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата.
“-Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани нема да правам разлика ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова, ниту по било каква основа.
Време е за единство и за тоа ќе им се обратам на жените. Бидејќи ние покажуваме дека не се грижиме само за себе туку и за сите околу нас.
Ќе го почитувам овој парламентот, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска и одговорност” – изјави Силјановска-Давкова на инаугурацијата која ја водеше Јован Митрески.
При положувањето заклетва за функцијата Претседател, при својата свечена изјава, која ја повторуваше по претседателот на Собранието, не го кажа уставното име „Република Северна Македонија“ туку употребуваше само Македонија.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите, ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“, – порача претседателката Гордана Силјановска Давкова.