Информациите околу наводното воведување на зонско паркирање во Карпош се невистинити

Сподели

Информациите кои дел од медиумите ги пренесоа околу наводното воведување на зонско паркирање во Карпош се невистинити.

Во контекст на тоа, факт е дека на неколку клучни локации во Општината постојат т.н. “тесни грла” во паркирањето. Станува збор, пред сé, за потегот долж улицата Рузвелтова (која што е неформална граница меѓу Општина Центар и Општина Карпош), како и за опфатот околу ТЦ Сити Мол.

Жителите на Карпош од зградите, но и од околните куќи на овие локации, имаат реален проблем со паркирањето поради фактот што возила од Општина Центар и други посетители ги паркираат своите возила на паркинзите наменети за станарите на Карпош, кои се бесплатни.

Но, исто така факт е дека поради ваквиот реален проблем граѓаните на Карпош од споменатите делови сé повеќе го актуелизираат прашањето за поставување некакви ограничувања на паркирањето од другите општини. За таа цел, дури во неколку наврати поднесоа иницијативи до Градоначалникот и до Општината, за воведување на зонско паркирање токму на посочените делови. Општина Карпош, како сервис на граѓаните има обврска да ги реши сите реални проблеми на жителите, вклучително и овој со паркирањето.

Локалната самоуправа останува на ставот дека во Карпош нема потреба од воведување на зонско паркирање на целата територија на Општината. Она што можеме како локална власт е да ги разгледаме иницијативите, да ја согледаме нивната оправданост и да изнајдеме најсоодветно решение.

Дали на тие потези ќе има зонско паркирање може да решат само мнозинството од жителите на овие делови од Карпош кои се соочуваат со проблемот, откако претходно тие сознанија ќе бидат добиени со спроведување на анкета и непосредно изјаснување. Но, никако со “декрет” или наметнато решение од Општина Карпош или како дел од програмите на Град Скопје.