Иницијатива О2 до пратениците: Донесете забрана за увоз на отпад

Сподели

 

Застанете зад вашите зборови и појавете се во Собранието утре, ставете ја точката за гласање и изгласајте ја конечно. Престанете да нè лажете како мали деца –  им порачаа на пратениците на владеачката коалиција од граѓанската Иницијатива О2 откако минатата недела не помина како точка на дневен ред предлогот за забрана на увоз на отпад како енергенс.

Измените на Законот за управување со отпад предложени од партијата ДОМ со кои треба да се воведе забрана за увоз на отпад како енергенс не беше ставена на гласање на седница во Собрание во средата, иако во претходната комисиската расправа по овој предлог немаа забелешки ниту власта, ниту опозицијата.

„Причината ја дознавме подоцна, СДСМ барала дополнителни консултации, зошто земјата е потписник на Базелската конвенција, а според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, сите спогодби биле поврзани по принципот на реципроцитет, што не е точно“, категорични се од О2.

Тие тврдат дека претставници на МЖСПП, на чело со заменик-министерот Јани Макрадули ја манипулираат јавноста со заплашување дека ако забраниме увоз на отпад како извор на енергија, опасниот отпад од ОХИС ќе ни остане, нема да може да го извеземе.

Секоја земја, соодветно на своите потреби и услови ги носи правилата за извоз, увоз и транзит на отпад. Ширењето на лажни информации и страв кај граѓаните дека нема да смееме да го извеземе опасниот отпад од ОХИС и други места, ако забраниме увоз на отпад, од страна на најнадлежната институција, МЖСПП, на чело со Јани Макрадули, не само што нема да доведе до градење на доверба, туку само ни ја потврдува причината зошто немаме доверба во нив, во институциите и нивните претставници. За ваква намерна дезинформација треба да си одговараат за ширење на лажни вести и злоупотреба на функција.

„За да ја разбиеме фамата и лажната слика која се претставува во врска со Базелската конвенција, чиј потписник е и Македонија , потребно е да се знае дека потписничките на Базелската конвенција имаат право да забранат увоз на опасен и друг отпад“ – стои во писмената реакција на О2

Земјите може да го извезат опасниот и комуналниот отпад ако немаат технички капацитет и потребните инсталации, капацитети или соодветно место за депонирање согласно еколошките стандарди. Никаков реципроцитет не е потребен, категорични се еко-активистите на О2 Иницијатива.

Базелската Конвенција е формирана во 1989 со цел да ги спречи развиените земји да ги користат земјите во развој како депонии за нивниот токсичен отпад, за да се спречи т.н. токсичен колонијализам.

„Пречка за носење на законот нема. Да ги видиме и другите партии кои изјавија дека ја поддржуваат измената на законот и забраната, дали ќе ја стават точката под број 19 од 130тата седница за гласање во Собранието и ја изгласаат забраната за увозот на отпад како гориво“, заклучуваат од О2.

мета.мк