Иницијативи за укинување на забраната за продажба на алкохол

Сподели

Здружението за трговија при Стопанската комора на Македонија покрена иницијатива до Владата да ги укине одредбите од Законот за трговија со кои се ограничува продажбата на алкхол во трговската мрежа по 19, односно 21 часот и со кои се воведоа лиценци за трговијата со ваков вид пијалаци. Претходно на интернет се појави и граѓанска иницијатива  со слично барање.  Дали граѓаните и трговците имаат право кога се залагаат за вакво нешто и го поставуваат прашањето кој добива, а кој губи од воведувањето на забраната?

Во 2008 година беа усвоени измените на Законот за трговија со кои беше воведена забрана на продажбата на алкохолни пијалаци и дополнителни скапи лиценци за продажба на алкохол во малопродажните трговски објекти, со важност од 2 години. За овие девет години изостанаа вистински анализи и следење на резултатите од овие мерки, а се повеќе граѓани искажуваат поддршка за нивно укинување.

Добитници требаше да бидат граѓаните, пред се малолетниците, со намерата да бидат обесхрабрени од консумација, правејќи го алкохолот недостапен во продавниците после 19 часот во зима, односно 21 часот во лето. Но, тоа не е случај и нема значителни поместувања во консумацијата на алкохол, која и во перидот на воведувањето беше на ниско ниво споредено со многу други земји во нашиот регион и пошироко. Што се однесува до малолетниците, извештаите на Институтот за јавно здравје констатираат нагорен тренд на консумација на алкохол кај лицата на возраст под законски дозволената за консумација на алкохол.
Добитници секако не се малопродажните објекти, кои со временското ограничување на продажбата на алкохол добија намалени шанси за продажба и дополнителни инвестиции за затворање на секциите за алкохолни пијалаци, а истовремено беа воведени и лиценците за продажба на алкохол кои  предизвикаа дополнителни трошоци за нив. Ова доведе многу мали продавници да се откажат од продажбата на алкохол, губејќи значаен сегмент од нивните приходи.

Што доби домашнашната индустрија за пијалаци и трговијата од овие мерки? Придобивки секако не. Напротив, тие трпат големи загуби затоа што постоечкиот Законот за трговија со кој се воведе забраната на продажбата на алкохолни пијалаци после одредено време во денот, ја намалува нивната конкурентност и потенцијал за натамошен одржлив развој. На страната на губитниците секако е и државата бидејќи пресметките покажуваат дека таа губи значителен прилив во буџетот на сметка на акцизи и даноци од легалната продажбата на алкохол.

Единствените што добиваат се производителите и трговците на алкохол „на црно“. Притоа, консументите добиваат непроверени производи без контрола на нивниот квалитет, државниот буџет губи поради неплатени даноци и акцизи, а легалните производители и трговци страдаат поради намален промет и приходи.
После ова треба сериозно да се размисли дали една земја во која консумацијата на алкохол по глава на жител е на многу ниско ниво има потреба од вакви ограничувања и дали можеби поригорозната контрола на забраната за точење и продажба на алкохол на малолетн лица, како и нелегалната трговија на алкохол би дале далку поголеми ефекти во борбата против алкохолизмот и особено против консумацијата на алкохол пред навршувањето на законски дозволената возраст.

Дополнително, едукацијата за умерена консумација на алкохол е пристап што може да даде позитивни резултати, па затоа во одредени западноевропски земји пијалоците со низок процент на алкохол, како што се пивото и виното, се третираат за храна и дел од здравиот животен стил.  Останува да видиме дали оние што можат да направат промени ќе се одлучат за страната на вистинските добитници.