ИНТЕРВЈУ: ЗЛАТКО ОРИЃАНСКИ

Сподели

“Македонската состојба е луда, надреална. Народот и нашава земја се зграпчени во канџите на мафијата и едвај зема воздух. Денес и овде, не можеме да разговараме за политика, ова не е политика, ова е насилство, силување на сопствените граѓани, со заплашување, бркање од работа, давење во кофа со вода, самоубиства, рекетарства, силеџиство и насилство. Полицијата е обична статива во која топката удира по случајност. Ова е земја на беззаконие, земја во која владеат просечните неталентирани чипирани идиоти. Талентираните, модерните бистри поединци се убиени во поим.”

 

 

13281880_1338735919475727_827111523_n

ДЕНЕС: Едноставност, традиционалност и оригиналност во музиката…

ОРИЃАНСКИ: – Како се стасува до едноставно? хаха ..Не знам, најверојатно со години, стасуваш до свесност дека си смртен. Човек кога стасува до таа точка внимава на што го дава своето време, почнува да разбира дека животот е мали моменти и дека ништо не е така комплицирано ко што се чини во младост. Така некако и во музиката. Во еден момент капираш (ако капираш ) дека музиката не служи за ништо друго освен за играње и пеење. Темите отсекогаш биле само две, хаха, љубов и смрт, само зависи дал ги гледаш од сериозен или смешен агол. Добрите прави мелодии се памтат на прва, се друго е млатење празна слама. Традиционалното го разбирам ко да ставаш бензин за да патуваш на месечина. Сите големи автори се потпираа на својата традиција. Оној момент кога почнуваш со неа да си играш и да ја изневеруваш, тогаш си на прав пат, во спротивно си нејзин заробеник. Јас го сакам првото. Зошто? Затоа што нема ништо на светов толку сериозно за да му стојам мирно, ниту сам себе се земам толку сериозно, хаха. Тоа е досадно, банално ко пластично шише. Оригиналноста доаѓа токму од ова што го зборувам до сега, нели самиот збор “оригинално” значи дека нештото води потекло од некаде. Слично ко во науката оној збор “откритие”, што ќе рече откриваме нешто што постои, но било покриено.

ДЕНЕС: Животот во комбинација со музиката е…

ОРИЃАНСКИ – Музиката и лутањето по нејзините патишта не ти дава да старееш. Постојано негде талкаш во некакви непознати предели. Игра е, се е игра. Знаеш како, мене одамна ме мрзи да барам некаква длабока смисла во онаа философска смисла, во што и да е. Гледам тоа да ме весели, да ме носи во радост, во кеиф. Се друго ми нема смисла. Има денови кога работам нови песни за Унковски. Разговараме за текстот во песната, пиеме вино и се кинеме од смеење. Тогаш знам дека имам добра нова песна. Мислите дал може да се живее без музика? Ма сигурно да. Зарем не е стопати поубаво да седиш у “Круг” и да зуриш у празно, да гледаш убави жени. Што е подобро, да си затворен у соба со денови ко затвореник? Хаха. Постојано е таа дилема, дал да работам нова песна ил да излезам надвор и да лутам безвезе. Јас многу го сакам ова второво. Моментот кога  од тоа ќе се уморам е знак дека треба да седнам и нешто да работам. Во суштина тоа му доаѓа ко да веруваш дека има жена на светов што сака да готви у кујна. Врска нема, сигурен сум дека повеќе сака да си средуе коса ил да си лакира нокти. Последниве години уживам да работам по нарачка, ко шнајдер одела.

ДЕНЕС: Креацијата на музиката и моето единствено јас..

ОРИЃАНСКИ – Креацијата во музиката е слична ко праење бурек. Има нешта за кои сум добар, има нешта за кои не сум добар. Проаѓаш десет дуќани, но само кај првиот има добар бурек иако сите исто ставаат, брашно вода, сол и сирење. Чудна магија е музиката и мене не до крај јасна. Енергија е, некоја сексуална енергија која ко ќе земеш некој инструмент, во песна се престорува. Знаење не помага. Познавам многу луѓе што знаат триста милиони глупости ама не можат да го напраат. Ја се потпирам на незнаење инстинкт и некоја блесава храброст.

ДЕНЕС:  Македонско девојче е феномен направен во…а, новиот албум  “Добро утро госпоѓо”, со Бени Шаќири ќе покаже ..

13282062_1338736066142379_679256453_nОРИЃАНСКИ – Македонско девојче беа некакви женски писма, овој нов албум со Бени Шаќири се машки муабети, хаха. Што ќе покаже овој нов албум? Ќе биде некоја мала слика од 10 песни за времето, местото и моментот во кој живее овој простор, ќе покаже некакви нови можни патишта во нашава музика. Напорно е денес во Македонија да работиш нов албум, на моменти се прашуваш кому тоа му треба во оваа лудница ? Тоа е некаков боемски цртеж направен во кафана, за играње и пеење. Слика, кога влегуваш во некоја Скопска кафанчуга и свирачите ти се поклонуваат  во знак на почит. Вадиш пари и ги лепиш кај хармоникашот. Кажи песна мајсторе.. Ајде онаа…Такво чувство ќе ти даде овој албум. Ќе има во него многу хумор, блага сета и патетика. Овој албум ќе покаже и тоа дека Бени Шаќири е одличен пеач, неправедно ставен во некаква втора линија, дал заради тоа што е Албанец или поради тоа што можеби тој сега за првпат ќе види каде е најдобар. Во секој случај, ќе биде многу возбудливо.

 

ДЕНЕС: Политиката е курва, а народот е гладен..

ОРИЃАНСКИ – Па, не знам дал е народот толку гладен. Ако беше, на улица ќе имаше 200-300 илјади луѓе. Народот е убиен во поим, зашеметен и преплашен. Ќе му требаат години да се поврати, Македонската состојба е луда, надреална. Народот и нашава земја се зграпчени во канџите на мафијата и едвај зема воздух. Денес и овде, не можеме да разговараме за политика, ова не е политика, ова е насилство, силување на сопствените граѓани, со заплашување, бркање од работа, давење во кофа со вода, самоубиства, рекетарства, силеџиство и насилство. Полицијата е обична статива во која топката удира по случајност. Ова е земја на беззаконие, земја во која владеат просечните неталентирани чипирани идиоти. Талентираните, модерните бистри поединци се убиени во поим. Дел од нив од немоќ пијат ил акаат по град, чекајќи се` ова да помине иако трае десет години. На моменти прости, не можам да поверувам дека ова е земјата во која некогаш свиреа Леб и Сол, Анастасија, Архангел, Мизар. Можно е сето ова да заврши со судир, со крв. Не затоа што ние тоа го сакаме, туку затоа што на ајдуциве тоа им треба, за да се извлечат. Дал Македонија од сето ова ќе се извлече жива и здрава, мислам дека зависи од нас самите, најмногу, од нашата реакција која во овој момент треба да биде брза, масовна и решителна. Времето работи за нив. Не смееме да дозволиме да бидеме жртва на 100 бандити, дел од политиката, дел од бизнисот. Треба да ги пресретнеме и да ги испратиме таму каде што им е место, дури после тоа, потребно е формирање наново институции и држава, нова, модерна, слободна европска Македонија. Во суштина денес  Македонија е умрена земја, само никој не сака гласно тоа да го каже. Ние сме партиска штала за врзување на нивните коњи, ние сме зандана во која гние нашата прогресивна младост и секој даровит, бистар и модерен поединец.

ДЕНЕС: Награди, признанија..

ОРИЃАНСКИ – Во Македонија, пред неколку месеци добив признание од Албанските граѓани затоа што работев една песна во Тирана со албанската филхармонија и групата Ѓурмет. Во Албанија бев пречекан срдечно со големо почитување, на еден светски начин. Имаше лудаци што тоа го толкуваа како некакво си “предавство”, хаха. Еден мој пријател вели, па добро, за нас си дал стотина работи ама не ни текна да ти подариме една ружа, хаха. Не го разбирам тоа со “патриоти”, “предавници”. Лани работев музика за “Орео” колачињата во Данска и што тоа значи, дека сум ја предал Македонија? Требаше да работам за колачињата на ”Eвропа”, Скопје? Ја би, многу ми се свиѓаат нивните чоколади, нек ме поканат, нек платат, ќе им напраам музика за нивна реклама, хаха.

ДЕНЕС: Боб Дилан, Кит Ричардс, Флорин Салам, и Шарената револуција….

ОРИЃАНСКИ – Xaxaxa, да, сакам разно разни музики, особено ако се нови и шарени. Дилан го сакам затоа што постојано се менува, Кит Ричардс затоа што е полн хумор и романтизам, двајцата имаат фантастични песни и поетика. Флорин Салам е некоја нова генијална струја во таа таканаречена турбо менеле музика, полна нова сила и луди потези. Сакам музики што се непредвидливи, што не почнуваат со припев, пеење, рефрен и па истото. Тој таканаречен фри стил на кршење вообичаени форми многу ми се свиѓа, таа луда слобода дека ништо не мора  да биде така ко што некогаш било. Шарената револуција? Да не беше таа појава, немаше да знам дека овде се уште има живи, преживеани и нормални со умот граѓани. На моменти тоа изгледа баш ко кај Флорин Салам, некој чуден транс со чадори, факели и бои, со една незапирливо голема желба за живот и слобода. Тоа е моја страна, таму припаѓам. Некои велат дека е е само претстава, големите нешта се решавале на друго место, некаде на маса. Во ред, нека е така, но денес за мене е важно да знам каде припаѓаш, дал си во тој келеш тефтерот на слуги на режимот или си свој човек со свој акл. Ако сме далекувиди, веројатно од сето тоа ќе произлезе нова политичка сила која реално ќе се спротивстави на млаката опозиција и суровата власт. Има таму фини искултивирани луѓе, наивно е да се потцени таа појава. Она во што сум апсолутно сигурен е дека е невозможно враќање назад, исто ко што е невозможно враќање назад во музиката. Ако тргнеш по тој пат, тогаш си демоде, тоа значи дека не ја чувствуваш енергијата на планетава во моментов. Флорин Салам и Шарената револуција се права работа, двете се моја страна.

ДЕНЕС: Жената, сонцето, љубовта, заедно сочинуваат…

ОРИЃАНСКИ – Живот, без овие три, просто нема живот.

ДЕНЕС: Песна од детството, водич во животот..

ОРИЃАНСКИ – Неам таква песна, односно има песни што некако ми се на срце  без точно да знам зошто. На пример, “Ајде дали знаеш, паметиш Милице” или онаа..татко ми ја пееше секогаш кога ќе се начукаше, онаа “Одиме, пееме, солзи рониме”..Никогаш не укапирав зошто баш таа толку го гаѓаше иако е текстот нешто за одење во Германија на работа, хаха.

ДЕНЕС: ракија, вино и песна, симболика…

13250285_1338736026142383_723054104_nОРИЃАНСКИ – Ко ќе помислам на овие три големи феномени, првата асоцијација ми е Тома Здравковиќ. Има едни снимки на нет од некој негови настапи пред да умре и..Честопати, ноќе додека сите спијат, некаде пред да се раздени го слушам на слушалки, пиејќи вино. Па, тоа е просто да плачеш од убаво, од добро. Тогаш најдобро разбираш дека сите сме смртни луѓе, ништо вгроб не ќе однесеме.

ДЕНЕС: Нова музика, нов тренд и стереотипи…

ОРИЃАНСКИ– Да се биде модерен ! Лудо модерен, тоа е мој идеал. Не го сакам оној принцип на “ех, како беше добра музиката во “наше” време”. Тоа ми е така, несолена теза. Секое време, секој момент има свои богатства, тајната на светов е во промените. Ја сум таков човек, ќе видам нови мастики, сакам да знам шо има во нив, хаха. Музика, аполутно да е нова и модерна, модрерна, лудо модерна.

ДЕНЕС: Велосипед, кеј, такси кафана…

Кафана е театар, кафана во онаа вистина смисла, кафана е живот, таму се најдобрите музичари на свет, најубавите жени на свет. Кога ќе заглавиш по кафани до три четири сабајле твојте најголеми пријатели се таксистите, хаха. Таксистите знаат се, меѓу нив  ќе сретнеш професори по литература, научници, економисти, музичари, битанги, поранешни фудбалери. Нивните прикаски честопати се интересни како теми за песни. Еднаш еден, цел пат ми пееше опери, на добар, добар начин. Велосипед сакам, тоа некако ме одмара од се`, но имам онаков, најобичен точак. Малку ми е смешно ќе видам некој со опрема, ко да иде на месец иако вози по кеј. Ретко возам по кеј, таму ми е досадно. Не возам точак зарад кондиција ил да сум у не знам каква форма, хаха. Возам за да купам леб, да пијам негде кафе ил да одам на пазарче. Значи, возам на онаков, старински начин, хаха.

ДЕНЕС: Луѓе, народ, обичаи и секојдневие..

ОРИЃАНСКИ – Луѓе.. требаат и за свадба и за погреб. Народ е сложен феномен создаден низ време, тешко е човек да го искаже во неколку реченици. Секој народ е посебен феномен со свои добри и лоши страни. Надарените поединци и нивните дела прават одреден народ да ви се чини голем и важен, се друго е мафтање со знаменца и редење шантави капи од стиропор. Последниов период знам дека припаѓам најмногу себеси и на драгите луѓе. Припадност на одреден народ и нација веќе ми е некој тежок капут кој одамна сум го фрлил од себе. Јас сум само еден обичен смртен човек кого знае да го заболи заб. Мојот живот сакам да го трошам давајќи си убаво најпрво себеси и на оние што се околу мене. Почитувам индивидуални судбини, јас сум некој што живеел во две држави и повеќе сакам да галам жена отколку знаме. Дал би го дал својот живот за татковината? Апсолутно не! Во суштина, немам татковина, оваа земја не е моја, таа припаѓа на овие хоштаплери што ја покрадоа. За неа, нека гинат нивните синови, имаат и зошто. Од оваа земја ништо не сум украл, ништо ниту барам ниту сакам ниту па ми треба. Имам од што да живеам до крај на живот, таман секој ден одел по риби и ништо не работел.

ДЕНЕС: Земја, небо, вода, оган..

ОРИЃАНСКИ – Вода, мориња, бродови. Овој месец ќе одам за Саранда, во Албанија. Долго време размислувам да се преселам некаде каде што има море, таа земја ми остави голем впечаток во секоја смисла. Ко да ме потсети на оние 80-ти кога Македонија беше златно жолта и слободна земја. Сакам да купам таму некој стан и да се тргнам од ова овде. Утре да се промени власта, ќе бидат потребни најмалку 20 години, за да ова стане нормално место за живеење. Простете, но немам толку живот.

ДЕНЕС: Си беше еднаш Златко Ориѓански..

ОРИЃАНСКИ -Можеби така ќе пишува на мојот надгробен споменик, хаха. Мојот голем драг пријател, Дарко Лешоски ќе носи цвеќе и ќе остава одвреме навреме цигари, ќе ме опцуе и ќе каже: Стари, абе шо те снема, нели рековме ќе пиеме коњак?

(Соња Ајановска Деловска)