ИРЛ: Поранешното раководство на МЕПСО под истрага

Сподели

Обвинителството отворило предмет за МЕПСО, односно го испитува финансиското работење на институцијата, а по забелешки на Државниот завод за ревизија, објави Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ). 

„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кој постапува по предметот во врска со Конечниот извештај по извршена ревизија кај МЕПСО има издадено наредба до релевантни институции за прибирање на податоци“, одговориле од Обвинителството.

Од обвинителството за ИРЛ велат дека предметот е во предистражна постапка и не можат да споделат повеќе детали. Според информациите на ИРЛ, финансиската истрага ја врши Управата за финансиско разузнавање. А, своја истрага отворила и Управата за финансиска полиција која истражува како МЕПСО ја преплати барокната фасада на деловната зграда во центарот на Скопје.

Државниот ревизор обелодени како милиони евра од касата на МЕПСО се потрошени за ски центри, стотици илјади евра се одлевале за адвокатски услуги, бил купен најсовремен софтвер кој никогаш не бил ставен во функција, а барокната фасада и реконстрункцијата на зградата која достигна цена од 11 милиони евра и по пет години не е довршена.