Испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, беше причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле. Овие два фактори го условија испаѓањето од погон на двата 400/110 кV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија, соопштија од АД МЕПСО
„Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување“, наведено е во официјалното соопштение.
Од АД ЕСМ велат дека производството на електрична енергија од АД ЕСМ тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби.
„Работат два блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготин, хидроелектраните според потребите и се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор. Нема никаков застој во производството и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини енергија во системот“, наведоа од таму.